Блиска сосетка на Лиде Лиде фрапирана од потегот на (министерот) Венко Филипче ни дојави дека тој конечно ја поканил Лиде Лиде на кафе!
„Со Лиде Лиде живееме практично на два чекори. Нема петнаесет минути како седевме и пиевме кафе, кога одеднаш... порака на нејзиниот мобилен! Таман да прашам кој е, таа сама ми го покажа екранот. Читам и не ми се верува! СМС - Филипче: Лиде Лиде спремај се, идеме на кафе! Лиде Лиде прво пребледе, за момент дури како да се изгуби па се врати и избезумено рече -Мицке, идам да се потсредам малку- стана, не го ни допи кафето, замина...“ - изјави видно возбудената блиска сосетка на Лиде Лиде која си го криеше лицето од зраците на зајдисонцето, при обид да се напие голтка од кафето сварено со намера да се пие во друштво на Лиде Лиде. Но, таман да се напие, изненадно во паника извика „Ене го!“ во моментот кога Филипче пристигна да ја земе Лиде Лиде.
„Да, вистина е дека ѝ пишав порака. Впрочем еве ме, пред домот на Лиде Лиде, по Лиде Лиде! Знам дека ѝ ветив средба откако пандемијата ќе заврши, но еве, барем една морална одговорност да извршам додека сѐ не се реши. Доста е веќе од лекови за смирување. Лекот е пет пари, а се вика Лиде Лиде.“ - Рече Венко Филипче, ѝ ја подаде на свечено облечената Лиде Лиде кацигата и ѝ направи место да седне зад него на моторот.
Лиде Лиде максимално дотерана, видно возбудена, нежно растреперена и тазе вакцинирана со втора доза, ја стави кацигата најпрво наопаку, при што (министерот) Венко Филипче со радост и асистираше, а потоа, со благо придржување на фустанот со леснотија сама седна на местото наменето за неа и срамежливо се насмевна. Не сакаше да даде изјава, а ние тоа максимално го испочитувавме, сепак ова е нејзин миг, заклучивме. Филипче го збрче моторот, ја затвори својата кацига, додаде звучно забележителна туража, нѐ отпоздрави со сирената на чудовиштето на четири тркала и заедно со Лиде Лиде одвозија кон зајдисонцето. Во далечината громогласно одекна гласот на Лиде Лиде: „Конечно!“
На блиската сосетка очите ѝ се наполнија со солзи, но нејасно е дали од емоции, од зајдисонцето или од прашината која се создаде како резултат на шлајфката која ја направи (министерот) Венко Филипче со цел успешно да ја импресионира Лиде Лиде, ако веќе се може повеќе. Само задоволно и гордо таа прошепоте „Ех, Лиде Лиде,“ и ја испи последната голтка од кафето наменето да се пие во друштво на Лиде Лиде.
Гласот на Лиде Лиде сеуште одекнуваше во далечината...