Одлични вести за сите еколошки свесни и одговорни граѓани кои платија авансно за да бидат меѓу првите кои ќе добијат електричен автомобил од фабриката во Тетово!
Новата фотоволтаична централа што премиерот Ковачевски ја отвори заедно со пола влада и градоначалникот од ВМРО ДПМНЕ во општина Новаци, ќе произведува бесплатна електрична енергија за електричните возила, која сопствениците ќе можат да ја користат дури 10 години по купување на автомобилот.
- Верувам дека на овој начин ќе инспирираме повеќе граѓани да донесат добра одлука и да си резервираат автомобил од фабриката во Тетово. Изненадување плус е тоа што покрај бесплатното полнење, секој сопственик ќе добие и продолжен кабел гратис, потпишан од мојот газда, Али Ахмети. - изјави премиерот Ковачевски.
Кооперација се обиде да стапи во контакт и со менаџментот на фабриката во Тетово за да ги потврдиме информациите на премиерот, но бројот што ни го даде токму Ковачевски, мистериозно стана недостапен после првото вртење.