Високата еколошка свест и посветеноста на македонските политичари во борбата против загадувањето и глобалното затоплување уште еднаш доаѓа до израз, овој пат пред почетокот на предизборната кампања за изборите закажани во април.
Од извори блиски до ДОМ на Лиле Поповска, дознаваме дека сите поголеми партии се договориле да дадат свој придонес за чиста и здрава средина така што нема да смислуваат нови ветувања и програми за следните избори, туку ќе ги рециклираат старите.
На овој начин ќе се заштеди на хартија бидејќи партиските војници ќе можат да раздаваат стари програми на својата партија, но и на финансии кои можат да се искористат за добро, како на пример - за поголеми митинзи и поквалитетен кашкавал во сендвичите.
Експертите со кои разговаравме велат дека ова не е прв пат партиите на овој начин да се грижат за доброто на своите граѓани и да се солидаризираат со нив, затоа што мање-више, ветувањата се исти во последниве 30 години.