logo

# Сатира

ДУПЕР СО ПЕСНА "Не сум твој чип" ќе ги убедува анти-ваксерите дека вакцините немаат чипови!

насловна слика

Откако неколкуте ПР акции правени од страна на поранешните анти-естаблишмент твитерџии не вродија со плод, Владата и Министерството за здравство се префрлија на Планот Џ! Имено, Венко Филипче најави дека следната кампања која треба да ги мотивира младите да се вакцинираат ќе биде во форма на песна од познатиот бенд Дупер - а песната ќе биде насловена "Не сум твој чип"

 

"Мислевме на долго и широко како да го мотивираме младите да се вакцинираат. Еден човек предложи да ги третираме како нормални луѓе и да ја третираме пандемијата, вирусот, вакцината и ситуацијата крајно сериозно и да не правиме реклами небаре ова е Топ Шоп. Друг човек предложи да не ги чепкаме Дупер, бидејќи треба луѓето од забавната индустрија да не се мешаат во политика бидејќи таа само поделува и затоа треба да пејачите да останат пејачи, а политичарите политичари.

 

И двајцата ги отпуштивме.

 

На мене ми текна една генијална идеја. Да направиме пародија на "Не сум твој тип" во која ќе се збори за тоа дека во вакцините нема чипови!!!! И дека никој нема да ве чипува преку вакцините!!

 

Откако ќе успее овој хит, а немајте сомнеж во тоа 200% ќе успее, впрочем што мое не успеало?

 

Кај бев?

 

А да, за откако ќе усепе овој хит... да..

 

Е, слушај ваму... откако ќе успее овој хит, ќе напраиме и продолжение. Пародија на другиот хит на Дупер - "Ние сме два". Ти текиња на песната? Не? А бе одеше "Ние сме два...многу одамна... одамнааа".... ти текиња сеа? Не? Добро бе, на никој не му текиња, од сабајле на пет души им ја запеав на никој не им текиња... дајте, малце, не се бенд со една песна, пар песни имаат... нема везе, муабетот ми е... после тоа ќе напраиме пародија и на таа песна. Нешто ќе биде "Дозата два...многу одамна...", ок добро, не ми е целосно измислено, ама чекор по чекор. Прво оваа песнава за чипот... па после другата..." - одговори Венко Филипче на прашањето "А бе, глеаше вчера фудбал?" што му го постави еден од нашите новинари додека чекаа ред за симит во една локална бурекџилница.

Коментари


Остави коментар