logo

# Сатира

ДИК: Да одеа граѓаните редовно на маникир ќе немавме проблем со скенерите за отпечатоци

насловна слика

Државната изборна комисија на вонредна прес-конференција соопшти дека експресната истрага што е спроведена по застојот што го предизвикаа скенерите за отпечатоци вродила со плод и го лоцирала виновникот за настанатиот хаос.

 

Имено, како што открива истрагата, станува збор за неколку десетици, а можеби и стотици илјади граѓани кои никогаш во животот не биле на маникир и на гласање се појавиле со груби раце, на кои едвај се гледа отпечатокот и со тоа го загрозиле нормалното фукционирање на изборниот процес.

 

- Граѓаните чии отпечатоци не можеа да се прочитаат ќе бидат соодветно казнети поради попречување на изборниот процес и ќе мораат веднаш да посетат маникир. Доколку и за вториот круг скенерот не го чита нивниот отпечаток, ќе им биде одземено правото на глас и ќе бидат протерани од земјава. - рекоа од ДИК.

 

Веднаш по оваа изјава цените на третманите за маникир пораснаа вртоглаво, а во аптеките се бара крема за нега на раце плус, само и само вториот круг на изборите да помине мазно и подмачкано.

Коментари


Остави коментар