Огромен одзив кај нашата дијаспора во Белгија е забележан по апелот на неколку иселенички здруженија, кои ги поканија сите добри луѓе да им се приклучат и повикаа на сплотеност во потрагата по изгубените картички на министерот за земјоделие, Љупчо Николовски.
- Иако Љупче не беше многу потресен, сигурни сме дека е во паника, зошто ако некој Белгиец, кој не знае дека е министер, ја најде картичката и види со колку пари живее просечен граѓанин на Нашата Земја, ќе се исели од тука во истиот момент и ќе ја повлече цела Белгија со него. После од кого јас ќе земам плата и бакшиш?! - изјави Стојан, кој работи таму како келнер и е еден од главните организатори на потрагата.
Исплашени од ова, уште вечерва на улиците на Брисел се излезени над 5 илјади наши гастарбајтери, но вистинското трагање е планирано за утре, за кога е најавено доаѓањето на нашинци и од другите градови на Белгија, како и од соседните држави.