logo

# Сатира

Десет дена без зборот циган во толковниот речник.

насловна слика

Десет дена без зборот циган во толковниот речник.
Лично, сега за сега осеќам само остра болка во десното рамо.
Се погледнав и во огледало,.. блед. Едвај чекам јули да дојде, циган да се сторам.
Проверив дали зборот "десно" е се уште во толковниот речник. Беше.
Претпоставувам се е поврзано, пред десет дена рамото си беше ок.
"Ок" го нема во толковниот речник, ќе морам да внимавам.

Во Струмица, ѓупците, и покрај тоа што никогаш претходно не биле чуле за зборот циган, слават. На нив пред некоја година им кажаа дека се роми, а сега им кажаа дека не се цигани, а тоа значи дека не постои идно време, пред било кои локални избори со вреќа компири некој да може да ги повреди нивните чувства.

Додека ги бришев солзите од среќа, размислувајќи пред се како родител број 2, дека секој ден сме се поблиски до утописката дистопија на едни шарени визионери, каде навистина едно општество за сите функционира во секоја нивна ебана библиотека во одделот научна фантастика ("наука", проверив, да, чудно, се уште постои во толковниот речник), ми ѕвонеше другарче од Зајечар и ми вика, - Где си брате цигане!?
Одма му спуштив.

Не знаев што ми вели, кај нас веќе десет дена не постои зборот циган, не знаев дали ме поздравува пријателски или ми вели да си ја ебам мајката. Го прашав татко ми дали се сеќава или знае што значи тоа циган. Ми рече да не му досаѓам, решавал заебан крстозбор, но ми кажа дека сигурно е нешто бело, му се мотало во глава дека некогаш го сретнал како некаква именка, поврзана со придавката бел, бело, белото!?
Го оставив на раат да го мисли 16 вертикално, село во франција со четири букви. Отидов на дигиталниот толковен речник на јазикот на мојот другар, како би проверил што значи тој збор циган и во која конотација го употребува кон мене, неговиот другар каур*. Проверив дали зборот "македонец" е вратен во толковниот речник. Не беше. Си стоеше мајчин.

Прво што приметив во нивниот толковен речник беше дека во Македонија за циган велиме џипси, но јас не знаев ни што е тоа џипси. Ова џипси дефинитивно ќе ги збуни ѓупците роми од Струмица што не се цигани.
Бидејќи латинскиот ми е втор мајчин јазик, прво на што помислив е дека некоја заебана форма на акузатив од зборот џип, но не сакав да ми помине времето во истражување, сакав да го чујам другарот од Зајечар на кој најверојатно безобразно му спуштив. Се немавме чуено година дена.
И по 15-20 минути пребарување, конечно најдов, си пишува убаво кај нив.
Исто и тие имаат нов толковен речник, дигитален нормално, "Циган" - ситна ледена киша, обично прачена снегом.

Хммм...
Му се јавив на другар ми.
- На кого бе ти на мајка ти у п**ка!?, и повторно му спуштив.

Се вратив кај татко ми, му реков да провери дали селото Сенс му се вклапа во крстозборот. Ок било, баш третата буква била Н.
Ме праша што сторив со зборот циган.
Му реков дека е можно да е некој леден дожд, ситен снег.
Ми рече, - Што ти реков дека ми се моташе во глава дека е нешто бело!, и се насмеа академски,.. не требаше да му го кажам Сенс.
...
*Каур (науч. Agathis australis) е иглолисно дрво кое расте во северниот дел на Северниот остров на Нов Зеланд.

Коментари


Остави коментар