Специјалниот преговарач со Бугарија, господинот Владо Бучковски, во краток разговор со Кооперација потврди дека во дослух со бугарската страна е договорена првата интервенција во учебниците по историја, со која од нив ќе се избрише фактот дека во 2001ва година, Министерството за одбрана, на чело со дотичниот преговарач, набавило тенковски делови без тендер.
- На обострано задоволство, дојдовме до взаемно прифатливо решение кое наскоро ќе го спроведеме и во пракса. Овој период од нашата заедничка историја е прилично мрачен за двете страни, па се согласивме дека нема никаква потреба да ги оптеретуваме идните генерации со вакви небитни детали. Ова се застарени лекции кои никому нема да му донесат ништо... Добро, мене ми донесоа неколку милиони евра, ама тоа сега не е тема на муабет. – изјави Бучковски.
Како што дознаваме, во преговорите со Бугарија на тема интервенција во учебниците се вклучил и првиот македонски еколог, Али Ахмети, кој побарал цела 2001ва година да се избрише од учебниците по историја, а модерната историја на Нашата Земја да започнува од неговото доаѓање на власт.