logo

# Сатира

Болен од цистична фиброза кој се декларира како Бугарин бара некој да го натепа за да добие лекување во Софија

насловна слика

39 годишниот Ѕвонко С., од Радовиш, кој е болен од цистична фиброза и, како и сите други кои боледуваат од оваа болест, нема пристап до потребната модуларна терапија, денес за Кооперација изјави дека е спремен да ги признае своите бугарски корени доколку пронајде доброволец кој ќе го натепа и ќе го навреди на национална основа и со тоа ќе му овозможи да отпатува во Софија со бугарски владин авион за таму да го добие потребниот третман.

 

- Кога мојата држава не се грижи дали ќе преживеам, а друга држава праќа авион по свој државјанин за да му помогне со лекувањето, лесно е да се избере. Зошто подобро да сум жив предавник, отколку мртов патриот. Можеби звучи себично, ама има една чудна работа што се вика желба за живот и таа многу ми помогна да донесам вистинска одлука. Само уште да се најде некој добар човек што ќе ми залепи 3-4 шамари... Не мора повеќе. - изјави Ѕвонко.

 

Тој ги повика сите што сакаат да се пријават и со своите шамари да му помогнат да добие достоинствено лекување, ќе можат да го сторат тоа на веб страната www.shamarzazhivot.mk, а тие што го познаваат можат да го шамараат и без пријавување.

Коментари


Остави коментар