Највредната и најбогатата ТВ презентерка во историјата на телевизијата, Бесмира Ејупи, која во последниве 2 години ги скрши сите рекорди по земени плати од дури 8 државни институции и уште повеќе хонорари од разни надзорни и извршни одбори, во ексклузивно интервју за Кооперација отворено зборуваше за своите примања и објасни зошто ѝ е тешко да избере само една, омилена плата.
- Знаете како...секоја плата и секоја хонорар што ми легнал на сметка во последниве 2 години, се заработени со пот и имаат посебно место во моето срце. Без разлика дали биле големи или мали, сите ги сакам подеднакво и на нив гледам како на свои деца, што допрва треба да растат. Затоа кога барате да изберам само една, ме ставате во позиција да бирам кое ми е омилено дете. Што не е баш пријатно... - објасни госпоѓицата Ејупи во краткото интервју за Кооперација.
На крајот на интервјуто Бесмира ни се пофали дека и покрај презафатеноста со земање државни плати, таа наоѓа време и за хумантарна дејност, па само пред неколку дена отворила хуманитарен фонд во кој ќе донира две свои плати за изградба на станбен објект, каде ќе биде згрижено целото нејзино семејство.