logo

# Сатира

Баба Перса ја замени Атиџе во „Ханиленд“!

насловна слика

По острите критики од јавноста дека во документарниот филм „Ханиленд“ главниот лик треба да го игра македонка, режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска ја увидоа грешката и главниот лик Атиџе ја заменија со баба Перса од скопското село Волково. Ова е голема победа на македонските филмски критичари од социјалните мрежи, чија стручност изгледа ќе ја спаси нашата татковина од бламирање на доделувањето на филмските оскари. Од Академијата за филмски уметности и науки во САД соопштија дека оваа година ќе направат преседан и ќе дозволат еден номиниран филм да се преснима одново а притоа да не ги изгуби номинациите за Оскар. 

„Ни требаше долго време да сфатиме, но јавноста е во право. Не знам кај ни беше главата кога планиравме на едно такво значајно натпреварување за националните интереси како што се оскарите, да настапиме со главна актерка која не е македонка. Се извинуваме што нанесовме голема штета на нашата прекрасна татковина. Направивме нов кастинг исклучиво со македонски актерки и нашите критериуми, а и критериумите на јавноста најмногу ги задоволи баба Перса од скопското село Волково. Нејзината чиста и мила душа со убава енергија одлично ќе ја замени Атиџе“ - изјави режисерката Тамара Котевска.

Коментари


Остави коментар