Неколку денови откако се помоли за Мицкоски да и помогне на Македонија, владиката Агатангел повторно се сретна со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, овој пат за нова молитва.
Како што дознава нашата редакција, лидерот на најголемата опозициска партија веќе неколку години нема фатено тикет на спортска, па се решил својот спас да го вара во вишите сили.
"Ми се јави на телефон пред некој ден. Вели дека никако тикет да фати. Ќе уплати 3+, ќе заврши 1-1 уште од 15 минута. Ќе уплати 0-до-2 и уште на полувреме ќе биде 2-2. Воопшто нема среќа. Прелази, голови во судиски продолжение и што ли уште не. Му реков да престане да се клади на Рома, откако е дојден Мурињо кај нив ептен не се стабилни, ама ми кажа дека престанал да се клади на нив веќе некое време. И така, ќе запалиме сега некоја свеќа за среќа и ќе разговарам со Големиот човек што е горе. Нели, зборам за Столе, еден голем човек што е газда на кладилница. Господ не се занимава со кладилници ептен." - изјави Агатангел.
Пробавме да добиеме мислење од господинот Мицкоски кој во рок од неколку денови на два пати бара помош и молитва од владиката Агатангел, а тој со депресивен тон на гласот ни кажа "Почнувам да мислам дека само Господ може да ме спаси. Па ни тој."