logo

# Приказни

Зошто велосипедот е подобар од автомобилот?

насловна слика

Автомобилот нафта крка како незаситен змеј кој оган блуе и мирните селани ги страши. А тие кутрите, само обичен живот сакаат, без брзање и загадување да си траат. Автомобилот е старо мрчало кое постојано масло бара, за неговите коски подмачкани да бидат, тој газдата во ноќта со извик го буди: „Затвори ги прозорците, дај ми антифриз, ми студи, Џиииз!“

Гумите на ѓоновите постојано му се трошат и обувки нови бара, де зимски – де летни, зашто е шетан, светски тип! Тој не се задоволува со патчињата селско-правливи, и постојано по возбуда трага. „Води ме на аутобан,“ вели, „шетај ме на Јадранска магистрала!…“ И нормално, од сето тоа акање зглобовите страдаат, „јабучиците“ се абат, амортизерите крцкаат, а стабилизаторите сѐ помалку го смируваат. Тој е палаво дете, немирно „до зла бога“, сѐ нешто бара, а што дава? Загадување, нервоза и бес, да ‘ржиш како пес на соседот твој – во змејот свој!

Каде е велосипедот во приказнава оваа? Тој мирно во подрумот си седи и кога газдата светло ќе запали мрда со браникот лево-десно. Ништо не бара, освен нозете педалите да му ги вртат, а тој молчи и ужива, не ‘ржи, ниту скока, освен кога го вози детска нога. Но, тоа е една друга приказна.

Коментари


Остави коментар