logo

# Приказни

ЗОКИ И ЛИДИЈА

насловна слика

Откако пораснаа и си заминаа од книгата на Оливера Николова, Зоки Поки и Лидија појдоа на пат околу светот во воз, се венчаа во Јапонија, си купија имот на 50 километри од Токио и станаа дресери на змии. Нивната куќа секојдневно беше преплавена со магионичари, голтачи на пламен, акробати, дресери на фоки и останати циркуски професионалци. Љубовта и бизнисот им цветаа. Секој први во месецот ѝ праќаа по една змија на Оливера која беше дресирана да извршува одредена домашна задача: една змија бришеше прашина, друга косеше трева, трета сликаше семеен портрет итн. Но, еден ден, змиите престанаа да пристигаат на нејзината адреса. Таа, вознемирена, се качи на воз за да види што се случува со нив и разбра дека се разделиле: Зоки Поки беше директор на фирма за недвижнини во Омск, Лидија имаше фарма за тарантули во Гана. Сѐ тргнало наопаку кога едно утро Зоки нашол кловновски нос на нивниот брачен кревет. По кратка расправија дознал дека Лидија веќе подолго време имала афера со еден кловн и Зоки се спакувал и ја напуштил, откако претходно поднел барање за развод. „Децата ѕвезди секогаш имаат проблеми кога ќе пораснат...“, си помисли Оливера Николова, се врати дома и ја напиша книгата „Лева комора“.

Коментари


Остави коментар