logo

# Приказни

ЗМЕЈОТ ОД СЕВЕР

насловна слика

Бајката е дел од “The Fairy Books”, бајки од целиот свет, собрани од Ендру Ленг и објавувани помеѓу 1889 и 1913. Превод од англиски Рара Авис.  

Се препорачува читање на глас, во присуство на мали суштества. 

ЗМЕЈОТ ОД СЕВЕР

Многу одамна, како што ми кажуваа старите, си живеело ужасно чудовиште, кое дошло од север, и пустошело цели земји, голтајќи и луѓе и животни. И чудовиштето толку многу уништувало, што сите се плашеле дека ако не дојде помош, на земјата нема да остане ниедно живо суштество. Тоа имало тело на бивол, и нозе на жаба, две кратки предни шепи и две долги задни, и опаш како змија, долг десет стапки. Кога се движело, скокало како жаба, и со секој чекор прескокнувало половина милја. За среќа, имало навика по неколку години да останува на исто место, и да не си оди додека не го изеде целото соседство. Никој не можел да го улови, затоа што целото тело му било покриено со крлушки, кои биле потврди од камен или метал. Неговите две огромни очи сјаеле ноќе, па дури и дење, како најсјајни светилки. Секој кој имал несреќа да погледне во тие очи, станувал како маѓепсан, и бил приморан сам да се фрли во челуста на чудовиштето. Така змејот можел да се храни и со луѓе и со животни без и најмалку да се помачи, бидејќи не морал ни да се помести од местото на кое лежел. Сите соседни кралеви понудиле богата награда за секој кој ќе успее да го уништи чудовиштето, со сила или со маѓија и многумина си ја пробале среќата, но ниеден не успеал. Еднаш била запалена огромна шума во која спиел змејот. Шумата изгорела, но огнот ни најмалку не му наштетил на чудовиштето. Сепак, постоело предание помеѓу мудреците од земјата дека змејот може да го победи оној кој го поседува прстенот на Цар Соломон, врз кој е врежано тајно писмо. Овој натпис би му овозможил на секој кој е доволно мудар да го протолкува да открие како може да се уништи змејот. Само, никој не знаел каде е сокриен прстенот, ниту пак можел да се најде волшебник или мудрец кој ќе знае да го објасни натписот.

Конечно, еден млад човек со добро срце и голема храброст, пошол да го бара прстенот. Се упатил кон изгрејсонцето, затоа што знаел дека сета мудрост од дамнешни времиња доаѓа од исток. По неколку години се сретнал со еден познат волшебник од исток, и го прашал за совет. Волшебникот одговорил:

“Смртните луѓе имаат малку мудрост, и не можат да ти помогнат, но птиците ќе ти бидат подобри водичи ако го научиш нивниот јазик. Јас ќе ти помогнам да го разбереш ако останеш со мене неколку дена.”

Момчето со благодарност ја прифатило понудата на волшебникот, и рекло:

“Сега не можам да ти понудам никаква награда за твојата љубезност, но ако потфатот ми успее, трудот ќе ти биде богато платен.”

Тогаш волшебникот направил моќна напивка од девет вида тревки кои сам ги берел на месечина, и три дена му давал на момчето по девет лажици од неа, за да може да го разбере јазикот на птиците.

На збогување волшебникот му кажал: “Ако некогаш го најдеш прстенот на Соломон, врати се кај мене, за да ти го објаснам натписот на него, затоа што нема друг човек на светов кој може да го направи тоа.”

Оттогаш момчето никогаш не се чувствувало осамено додека патувало. Секогаш имало друштво, затоа што го разбирало јазикот на птиците, и така научило многу нешта кои никогаш не би ги научило од луѓето. Но времето поминувало, а тој не слушнал ништо за прстенот. Една вечер, кога му било жешко и бил уморен од пешачење, седнал под едно дрво во шумата за да вечера, и видел две птици со пердуви во живи бои, кои му биле непознати, како седат на врвот од дрвото и си зборуваат за него. Првата птица рекла:

“Го знам оној долу под дрвото, тоа е една будала што талка, и дошол дури до овде без да го најде она што го бара. Се обидува да го најде изгубениот прстен на Цар Соломон.”

Втората птица одговорила: “Ќе мора да побара помош од волшебничката, која секако ќе знае да го упати на вистинскиот пат. Ако прстенот не е кај неа, таа сигурно знае кај кого е.” 

“Но каде ќе ја најде волшебничката?” рекла првата птица. “Таа нема постојано живеалиште, денес е тука, утре ја нема. Тоа му е исто како да се обидува да го фати ветрот.”

Другата одговорила: “Добро, не знам каде е сега, но за три ноќи ќе дојде на изворот да си го измие лицето, како што прави секој месец на полна месечина, за никогаш да не остари и да не се збрчка, и секогаш да го зачува цветот на младоста.”

“Знаеш,” рекла првата птица, “изворот не е далеку одовде. Ќе одиме ли да видиме како го прави тоа?”

“Може, ако сакаш,” рекла другата.

Момчето веднаш се решило да ги следи птиците до изворот, и само две нешта го загрижувале: прво, дека можеби ќе заспие кога птиците ќе тргнат, и второ, дека можеби ќе ги изгуби од вид, затоа што нема крилја да го носат толку брзо. Бил премногу уморен за да остане буден цела ноќ, но од возбуда не можел цврсто да спие. Во првите мугри погледнал кон врвот на дрвото, и се израдувал кога видел дека птиците сѐ уште спијат со главите под крилјата. Го изел појадокот и чекал птиците да тргнат, но тие не го напуштале местото цел ден. Скокале од едно на друго дрво барајќи храна, цел ден сѐ до вечерта, кога се вратиле да спијат на нивната гранка. Наредниот ден се случило истото, но на третото утро едната птица ѝ кажала на другата: “Денес мора да одиме на изворот за да ја видиме волшебничката како си го мие лицето.” Останале на дрвото до пладне; потоа одлетале и се упатиле на југ. Срцето на момчето чукало од возбуда, да не ги изгуби од вид своите водичи, но успеал да ги следи со поглед сѐ додека повторно не застанале на едно дрво. Момчето трчало по нив сѐ додека сосема не се исцрпил и останал без здив, и по три кратки запирања за одмор, птиците конечно стигнале до мала чистинка во шумата, кадешто се сместиле на врвот од едно дрво. Кога момчето пристигнало, видело дека на средината од чистинката има бистар извор. Седнал под дрвото на кое биле птиците, и со внимание слушал што си кажуваат една на друга.

“Сонцето сѐ уште не е зајдено,” рекла првата птица; мора уште да чекаме пред да излезе месечината и волшебничката да дојде на изворот. Дали мислиш дека ќе го забележи момчено што седи под дрвото?”

“Таа забележува сѐ, сигурно ќе го види”, одговорила втората птица. “Дали момчето ќе има доволно памет да не се фати во нејзините замки?”

“Ќе чекаме”, рекла првата птица, “и ќе видиме што ќе се случи.”

Вечерната светлина сосема избледнала, и полната месечина веќе ја осветлувала шумата, кога момчето слушнало шушкање. По неколку мига од шумата излегла девојка, толку лесно лебдејќи по тревата, како стапалата едвај да ѝ ја допирале земјата, и застанала покрај изворот. Момчето не можело да го оттргне погледот од девојката, затоа што никогаш во својот живот не видело толку убава жена. Таа, како ништо да не забележува, се доближила до изворот, погледнала кон полната месечина, а потоа клекнала и девет пати си го измила лицето, потоа повторно погледнала кон месечината и девет пати се завртила околу изворот, а додека чекорела ја пеела оваа песна:

“Сјајно лице има месечината,

сјајна да ми биде убавината.

Ликот никогаш да не ми свене!

Додека заоѓа месечината,

да ми изгрева убавината,

свежината никој да не ми ја земе!”

            Потоа си го осушила лицето со долгата коса, и се спремала да си замине, кога одеднаш погледнала кон местото каде што седело момчето, и се свртела кон дрвото. Момчето се исправило и стоело чекајќи. Тогаш девојката рекла, “Треба да бидеш строго казнет затоа што си дозволи да ги гледаш моите тајни ритуали на месечина. Но овојпат ќе ти простам, затоа што си туѓинец и не си знаел што правиш. Но, мора искрено да ми кажеш кој си и како си дошол на ова место, каде ниеден смртник не стапнал досега.”

            Момчето понизно одговорило: “Прости ми, убава девојко, ако несакајќи сум те навредил. Случајно пристигнав овде по долго талкање, и најдов згодно место за спиење под ова дрво. Кога ти се појави не знаев што да правам, па останав каде што бев, мислејќи дека нема да те навредам ако те гледам во тишина. “

            Девојката љубезно одговорила, “Дојди и помини ја ноќва со нас. Подобро ќе спиеш на перница отколку на влажна мов.”

            Момчето се двоумело, но тогаш слушнало како птиците му велат од врвот на дрвото, “Оди каде што те вика, но внимавај да не ѝ дадеш крв, или ќе си ја продадеш душата.” И така момчето отишло со неа, и наскоро дошле до прекрасна градина, среде која стоела величествена куќа, која сјаела на месечината како да е од злато и сребро. Кога момчето влегло, видело многу прекрасни соби, една од друга поубава. Стотици свеќи гореле во златни свеќници, и давале светлост како на сончев ден. По некое време дошле до просторија во која имало трпеза со најскапи јадења. До масата имало два стола, едниот златен, а другиот сребрен. Девојката седнала на златниот стол, и му го понудила сребрениот на нејзиниот придружник. Ги послужувале девојки облечени во бело, чии стапала бесшумно се движеле, и никој не проговорил ни збор за време на вечерата. Потоа момчето и волшебничката љубезно разговарале, сѐ додека не дошла една жена, облечена во црвено, да ги потсети дека е време зе спиење. Тогаш момчето го одвеле во друга соба, во која имало свилена постела со големи перници, во која слатко спиел, но сепак како да слушал глас кој постојано му повторувал, “Памти дека не смееш да дадеш крв!”

            Следното утро девојката го прашала дали би сакал засекогаш да остане на ова прекрасно место, и бидејќи не ѝ одговорил веднаш, таа продолжила: “Гледаш дека јас сум секогаш млада и убава, и не примам наредби од никого, туку правам сѐ што сакам, па никогаш порано не помислував да се мажам. Но штом те видов ти ми се допадна, па ако се согласуваш, би можеле да се венчаме и да живееме заедно како крал и кралица, затоа што јас имам големи богатства.”

            Момчето не паднало во искушение пред понудата на убавата девојка, се сетил дека птиците ја нарекувале волшебничка, и нивните предупредувања му одекнувале во главата. Затоа внимателно одговорил, “Немој да се лутиш, мила девојко, што не можам веднаш да одлучам за ова важно прашање. Дај ми неколку дена да размислам пред да се договориме.”

            “Зошто да не?”, одговорила девојката. Размислувај и неколку недели ако сакаш, и советувај се со сопственото срце.” И за да времето им помине пријатно, го прошетала момчето низ секое катче од нејзиниот убав дом, и му ги покажала сите нејзини богатства. Но сите овие богатства биле створени со маѓија, затоа што девојката можела да направи да се појави сѐ што таа ќе посака со помош на прстенот на Цар Соломон; но ниедно од овие нешта не останувало трајно; тие исчезнувале како ветрот без да остават ни трага. Но момчето не го знаело ова; тој мислел дека сите се вистински.

            Еден ден девојката го однела во тајна одаја, во која врз една сребрена маса стоело мало златно кутивче. Покажувајќи на кутивчето, таа рекла, “Еве го моето најголемо богатство, какво што нема друго на целиот свет. Тоа е бесценет златен прстен. Кога ќе се ожениш со мене, ќе ти го дадам прстенов како свадбен подарок, и тој ќе те направи најсреќниот смртник. Но за нашата љубов вечно да трае, за прстенот мора да ми дадеш три капки крв од малиот прст на левата рака.”

            Кога момчето ги слушнало овие зброви, го полазиле студени морници, затоа што се сетил дека може да ја загуби душата. Сепак бил доволно итар да ги сокрие своите чувства и да не даде директен одговор, туку само ја прашал девојката, како попат, што е толку посебно кај тој прстен?

            Таа одговорила, “Ниеден смртник не може целосно да ја разбере моќта на прстенот, затоа што никој целосно не го разбира тајниот натпис врежан на него. Но дури и со моето нецелосно знаење, јас можам да правам големи чуда. Ако го ставам прстенот на малиот прст од левата рака, можам да летам како птица низ воздухот, каде и да сакам да одам. Ако го ставам на третиот прст од левата рака станувам невидлива, и можам да видам сѐ што се случува околу мене, иако никој не може да ме види мене. Ако го ставам прстенот на средниот прст од левата рака, тогаш не може да ме повреди ни оган, ни вода, ни било какво оружје. Ако го ставам на показалецот од левата рака, тогаш со негова помош можам да создадам сѐ што ќе посакам. Само во еден миг можам да изградам куќи или било што друго. И последно, сѐ додека го носам прстенот на палецот од левата рака, таа рака е толку силна што може да урива карпи и ѕидови. Освен овие, прстенот има други тајни знаци кои, како што ти кажав, никој не ги разбира. Несомнено содржи тајни од голема важност. Прстенот порано му припаѓал на Цар Соломон, најмудриот цар, за време на чие владеење живееле најголемите мудреци. Но не е познато дали овој прстен бил создаден од смртни раце: се претпоставува дека ангел му го дал на мудриот цар.”

            Кога момчето го слушнало сето тоа решило да се обиде да го добие прстенот, иако не верувал сосема во сите негови чудесни моќи. Посакал девојката да му дозволи да го допре, но не се осмелувал да ја праша, и по некое време таа го вратила во кутивчето. По неколку дена тие повторно зборувале за прстенот, и момчето рекло, “Мислам дека не е возможно прстенот да ги има сите моќи кои ти тврдиш дека ги има.”

            Тогаш девојката го отворила кутивчето и го извадила прстенот, а тој блескал како најсјаен сончев зрак. Го ставила на средниот прст од левата рака, и му рекла на момчето да земе нож и да се обиде да ја пресече со него колку што може посилно, затоа што нема да може да ја повреди. Тој отпрвин не сакал, но девојката инсистирала. Тогаш се обидел, прво само на шега, а потоа вистински, да ја удри со ножот, но помеѓу нив како да имало невидлив железен ѕид, а девојката стоела пред него неповредена, смејќи му се. Тогаш таа го ставила прстенот на третиот прст, и за час му исчезнала од пред очи. По еден миг повторно стоела пред него смеејќи се и држејќи го прстенот во рака.

            “Дај ми да пробам,” рекол младичот, “дали и јас можам да ги правам овие чудесни нешта.”

            Девојката, не сомневајќи се во измама, му го дала волшебниот прстен.

Момчето се преправало дека заборавило што треба да прави, и прашал на кој прст треба да го стави прстенот за да не може да го повреди ниедно оружје?

            “На средниот прст од левата рака,” одговорила девојката смеејќи се.

            Таа го зела ножот и се обидела да го исече момчето, дури и тој се обидел да се исече себеси, но сфатил дека тоа е невозможно. Тогаш ѝ побарал на девојката да му покаже како да крши камења и карпи со помош на прстенот. Таа го одвела во дворот каде што стоел огромен камен. “Сега,” му рекла, “стави го прстенот на палецот од левата рака, и ќе видиш колку ќе стане силна. Момчето го сторило тоа, и со зачудување открило дека со еден удар од тупаницата може да го искрши каменот на илјадници парчиња. Тогаш момчето си помислило дека оној кој не си ја користи среќата кога ја има е будала, и ако ја пропушти оваа шанса можеби никогаш нема да добие друга. И така, додека стоеле смеејќи се за здробениот камен тој го ставил прстенот, како на шега, на третиот прст од левата рака.

            “Сега,' рекла девојката, “ти си невидлив за мене сѐ додека повторно не го извадиш прстенот.”

            Но момчето немало намера да го направи тоа, напротив, тој се оддалечил, а потоа го ставил прстенот на малиот прст од левата рака, и полетал кон небото како птица.

            Кога девојката го видела како одлетува најпрвин си помислила дека сѐ уште се шегува, и извикала, “Врати се, пријателе, ете сега гледаш дека ти ја кажував вистината. “ Но момчето никогаш не се вратило.

            Тогаш девојката видела дека е измамена и горко се каела што имала доверба да му го даде прстенот.

            Момчето воопшто не запрело во својот лет сѐ додека не пристигнало до живеалиштето на мудриот волшебник кој го научил да го разбира јазикот на птиците. Волшебникот бил воодушевен кога дознал дека неговата потрага била успешна, и веднаш се нафатил да ги протолкува тајните знаци врежани на прстенот, но му требале неколку недели за да ги разбере. Тогаш му ги дал на момчето следните совети како да го победи змејот од север: “Мора да излиеш коњ од железо, кој треба да има мали тркалца под секое копито. Исто така мора да се наоружаш со копје долго две стапки, кое ќе можеш да го носиш со помош на волшебниот прстен ставен на левиот палец. Копјето на средината  мора да биде дебело како големо дрво, и наострено на двата краја. На средината од копјето мора да имаш два снажни ланци, долги десет стапки. Штом ќе го прицврстиш змејот со копјето, со кое мораш да го прободеш низ челуста, мора брзо да скокнеш од железниот коњ и добро да ги прицврстиш краевите од ланците за земјата со железни колци, за тој да не може да се оттргне. По два или три дена снагата на чудовиштето ќе биде толку исцрпена што ќе можеш да му се доближиш. Тогаш ќе го ставиш прстенот на Цар Соломон на левиот палец и ќе го докрајчиш со последниот удар, ама држи го прстенот на третиот прст сѐ додека не му се доближиш, за чудовиштето да не може да те види, инаку може да те убие удирајќи те со долгиот опаш. Но кога сѐ ќе се заврши, внимавај да не го изгубиш прстенот и никој да не ти го земе со измама.”

            Момчето му заблагодарило на волшебникот за советите и ветило дека ќе го награди ако успеат. Но волшебникот му одговорил, “Толку многу добив од мудроста на која ме научи прстенот, што не посакувам никаква друга награда.” Тогаш тие се разделиле и момчето брзо одлетало дома. Откако останал дома неколку недели, слушнал како луѓето зборуваат дека ужасниот змеј од север не е далеку и наскоро може да се очекува во земјата. Кралот јавно објавил дека ќе му ја даде својата ќерка за жена, како и голем дел од кралството, на оној кој ќе ја ослободи земјата од чудовиштето. Момчето отишол кај кралот и му кажало дека има надеж да се победи змејот, ако кралот му обезбеди сѐ што му треба за таа цел. Кралот со задоволство се согласил и железниот коњ, огромното копје и ланците биле подготвени како што побарало момчето. Кога сѐ било спремно, откриле дека железниот коњ е толку тежок што ни сто мажи не можеле да го поместат од место, па момчето сфатило дека не преостанува ништо друго освен да го турка со помош на волшебниот прстен. Сега змејот бил толку блиску, што со неколку скока можел да ја прескокне границата. Момчето почнало да размислува што да прави, затоа што ако морало да го турка железниот коњ одзади не можело да го јава како што волшебникот му кажал дека треба да направи. Но, неочекувано еден гавран му го дал овој совет: “Јавај го коњот, а со копјето оттурнувај се од земјата, како да оттурнуваш чамец од копно.” Момчето го послушало и видело дека така може лесно да се движи нанапред. Змејот ширум ја отворил својата чудовишна челуст, спремен за очекуваниот плен. Уште неколку чекори поблиску, и ќе ги проголтал и човекот и коњот! Момчето се тресело од страв, а крвта му се смрзнала, па сепак не се обесхрабрувало; туку држејќи го железното копје исправено во раката, со сета сила го забил во долната вилица на чудовиштето. Тогаш брзо како молња скокнал од коњот пред змејот да има време да ја затвори устата. Страшен удар како гром, кој можел да се чуе со милји наоколу, го предупредил дека челуста на змејот се затворила врз копјето. Кога момчето се свртило го видело врвот од копјето како стрчи над змејовата горна вилица и знаело дека другиот крај мора да е цврсто прицврстен за земјата, но забите на змејот се заглавиле во железниот коњ, кој сега бил бескористен. Тогаш момчето побрзало да ги прицврсти краевите од ланците за земјата со помош на огромните железни колци кои ги имал подготвено. Претсмртната борба на чудовиштето траела три дена и три ноќи; во неговото прпелкање толку жестоко удирал со опашот по земјата, што на десет милји оддалеченост сѐ се тресело како од земјотрес. Кога змејот најпосле ја изгубил моќта да го движи опашот, момчето со помош на прстенот подигнало камен кој дваесет обични луѓе не би можеле да го поместат, и со него толку силно го удирало змејот по главата, што наскоро чудовиштето лежело мртво пред него.

            Можете де си замислите колкава била радоста кога се раширила веста дека ужасното чудовиште е мртво. Победникот бил пречекан во градот како да е најмоќен крал. Стариот крал не морал да ја принуди својата ќерка да се омажи со змејоубиецот, открил дека таа самата сака да се венча со овој јунак, кој сосема сам успеал во нешто кое цели војски залудно се обидувале да го направат. По неколку дена направиле величествена свадба, а славјето траело со недели, затоа што сите соседни кралеви се собрале да му заблагодарат на човекот кој го ослободил светот од нивниот заеднички непријател. Но во општата радост сите заборавиле дека треба да го погребаат чудовишното тело на змејот, кое сега почнало толку лошо да мириса, што никој не можел да живее во соседството, и наскоро воздухот бил затруен, и избила чума која уништила на стотици луѓе. Во оваа неволја, зетот на кралот се решил уште еднаш да побара помош од волшебникот од исток, кај кого веднаш одлетал како птица со помош на прстенот. Но има една поговорка која вели дека она кое е добиено по нечесен пат не носи среќа, и принцот открил дека прстенот сепак му донел несреќа. Волшебничката не мирувала ни ден ни ноќ сѐ додека не дознала каде е прстенот. Штом дознала со помош на нејзината маѓија дека принцот претворен во птица патува кај волшебникот од исток, се претворила во орел и демнела во воздухот сѐ додека не се појавила птицата која ја чекала, а веднаш ја препознала по прстенот кој ѝ висел околу вратот врзан со врвка. Тогаш девојката-орел се нафрлила на птицата и штом ја зграпчила во нејзините канџи го украла прстенот пред човекот претворен во птица да има време да ја спречи. Тогаш орелот слетал на земјата со својот плен, и двајцата стоеле еден пред друг повторно во човечка форма.

            “Злосторнику, сега си во моја власт!” извикала волшебничката. “Ти ја дадов мојата љубов, а ти ми возврати со измама и кражба. Ми го украде најскапоценото богатство, а сега очекуваш среќно да живееш како зет на кралот? Сега среќата се сврти. Препуштен си на мојата милост, и ќе ти се осветам за твоите злодела.”

            “Прости ми! Прости ми!”, извикал принцот, “Многу добро знам колку ти згрешив, и од срце се каам за тоа.”

            Девојката одговорила, “Доцна е за молби и каење, и ако те поштедам сите ќе мислат дека сум будала. Ти двојно ми згреши - прво ја отфрли мојата љубов, а потоа ми го ураде прстенот и мора да платиш за тоа.”

            Со овие зборови таа го ставила прстенот на левиот палец, го подигнала момчето со една рака, и си заминала носејќи го под мишка. Овојпат не го однела во прекрасна палата, туку во длабока пештера во една карпа, каде ланци виселе од ѕидот. Девојката му ги оковала рацете и нозете на момчето за да не може да побегне, а потоа налутено рекла: “Овде ќе останеш окован сѐ до твојата смрт. Секој ден ќе ти носам доволно храна за да не умреш од глад, но не се надевај дека некогаш ќе бидеш слободен.” Со тие зборови го напуштила.

            Стариот крал и неговата ќерка со недели го чекале принцот со нетрпение, но од него немало ни трага ни глас. Ќерката на кралот често сонувала дека нејзиниот маж многу страда, затоа го молела татко ѝ да ги повика сите волшебници и маѓепсници, тие да се обидат да откријат каде е принцот и како може да биде ослободен. Но волшебниците, со сите нивни вештини, не успеале ништо да дознаат, освен дека сѐ уште е жив и многу страда, но никој не можел да каже каде се наоѓа. Најпосле се појавил еден голем волшебник, кој открил дека принцот е заробен на исток, не од човек, туку од некое моќно битие. Тогаш кралот пратил гласници на исток да го бараат неговиот зет, и тие имале среќа да го сретнат стариот волшбник кој ги протолкувал знаците од прстенот на Цар Соломон, и затоа поседувал поголема мудрост од било кој друг на светот. Волшебникот наскоро го дознал она што сакал да го знае, и го посочил местото каде што е заробен принцот, но рекол: “Таму е заробен со маѓија, и не може да биде ослободен без моја помош. Затоа и јас ќе дојдам со вас.”

            И така сите тргнале на пат, следејќи ги птиците, и по неколку дена стигнале до пештерата во која несреќниот принц бил окован скоро седум години. Тој веднаш го препознал волшебникот, но старецот не го препознал него затоа што бил толку ослабнат. Сепак, го ослободил од ланците со помош на маѓија, и се грижел за принцот  сѐ додека не се опоравил и бил доволно силен за да патува. Кога пристигнал дома дознал дека стариот крал умрел тоа утро, и така тој го наследил престолот. По неговото долго страдање дочекал среќа, која траела до крајот на неговиот живот, но никогаш повторно не го добил волшебниот прстен, кој исчезнал засекогаш.

Коментари


Остави коментар