logo

# Приказни

ЗЛАТНИОТ РАК

насловна слика

Бајката е дел од “The Fairy Books”, бајки од целиот свет, собрани од Ендру Ленг и објавувани помеѓу 1889 и 1913. Превод од англиски Рара Авис. 

ЗЛАТНИОТ РАК

Некогаш одамна, си живеел рибар кој имал жена и три деца. Тој секое утро одел по риба, и сѐ што ќе уловел му продавал на кралот. Еден ден, со останатите риби, фатил и златен рак. Кога дошол дома, ги ставил сите риби заедно во еден голем сад, но ракот го задржал на страна затоа што толку убаво сјаел и го ставил на највисоката полица во шкафчето. Додека неговата жена ги чистела рибите и го подигнала здолништето да не ѝ пречи, одеднаш слушнала глас, кој рекол:

“Спушти го здолништето,

ти се гледа ноџиштето.”

Таа изненадено се завртила, и тогаш го видела малото суштество, златниот рак.

“Штооо? Така значи, си знаел да зборуваш, глупаво животно?”, рекла таа, затоа што не ѝ се допаднале коментарите на ракот. Потоа го зела и го ставила на чинија.

Кога мажот се вратил дома и седнале да вечераат, веднаш го слушнале гласчето на ракот како вели: “Дајте ми и мене!” Тие биле многу изненадени, но му дале да јаде. Кога мажот дошол да ја однесе чинијата во која била вечерата на ракот, ја нашол полна со злато и бидејќи тоа се повторувало секој ден, тој наскоро многу го засакал ракот.

Еден ден ракот ѝ рекол на жената на рибарот: “Оди кај кралот и кажи му дека сакам да се оженам со неговата најмала ќерка.”

Жената отишла како што ѝ кажал, и го изложила случајот пред кралот, кој малку се насмеал на помислата ќерка му да се омажи со рак, но не го отфрлил сосема предлогот, затоа што бил итар владетел. Затоа ѝ кажал на жената на рибарот: “Оди, женичке и кажи му на ракот дека ќе му ја дадам ќерка ми ако до утре наутро изгради ѕид пред мојот замок, кој ќе биде повисок од мојата кула, а на него мора да растат и цветаат сите цвеќиња на светот. “

Жената на рибарот се вратила дома и ја пренела пораката.

Тогаш ракот ѝ дал златна прачка и рекол: “Оди и со прачкава три пати удри ја земјата на местото кое ти го покажал кралот и утре наутро ѕидот ќе биде таму.”

Жената сторила така и повторно си заминала.

Следното утро кога кралот се разбудил, што мислите, што видел? Ѕидот стоел таму пред него, точно како што тој побарал!

Жената се вратила пред кралот и му рекла: “Наредбите на Вашето Височество се исполнети.”

“Добро,” рекол кралот, “ама не можам да ја дадам ќерка ми сѐ додека пред мојата палата не добијам градина во која ќе има три фонтани, од првата да излегува злато, од втората дијаманти, а од третата брилијанти.”

И така жената повторно морала да удри три пати по земјата со прачката, а следното утро градината била таму. Тогаш кралот се согласил и свадбата била договорена веднаш за наредниот ден.

Тогаш ракот му рекол на стариот рибар: “Сега земи ја прачкава, оди и чукни со неа по планината, оттаму ќе излезе еден црн човек и ќе те праша што сакаш. Ќе му одговориш вака:”Твојот господар, кралот, ме прати да ти кажам дека мора да му ја испратиш неговата златна наметка која е како сонцето.” Освен тоа, кажи му да ти го даде и фустанот за кралицата од злато и скапоцени камења кој е како расцутена ливада, и донеси ми ги двете. А донеси ми го и златното перниче.”

Стариот човек отишол и направил како што му било кажано. Кога ги донел скапоцените алишта, ракот ја облекол златната наметка и се качил на златното перниче, па така рибарот го однел до замокот, каде ракот ѝ го дал фустанот на својата невеста. Потоа била свадбата, а кога брачниот пар останал насамо, ракот ѝ се открил на својата млада сопруга и ѝ кажал дека тој е син на најголемиот крал на светот, и дека бил маѓепсан, така што преку ден е рак, а само ноќе е човек, а исто така може да се претвори во орел кога и да посака. Штом ѝ го кажал тоа се затресол, и веднаш се претворил во убаво момче, но следното утро бил приморан повторно да се вовлече во раковиот оклоп. И истото се повторувало секој ден. Но, кралското семејство било многу изненадено од љубовта на принцезата за ракот и вниманието со кое се однесувала кон него. Тие се сомневале дека тука има некаква тајна, но иако постојано шпионирале, не можеле да ја откријат. Така поминала цела година и принцезата родила син. Но, мајка ѝ сѐ уште мислела дека сето тоа е многу чудно. Најпосле таа му кажала на кралот дека треба да ја праша ќерка им дали не би сакала да има друг маж наместо ракот? Но кога ја прашале ќерката, таа само рекла:

“Со ракот сум мажена, и само со него ќе бидам.”

Тогаш кралот ѝ рекол, “Ќе одржам турнир во твоја чест, и ќе ги поканам сите принцови на светот, па ако некој од нив ти се допадне, ќе се омажиш со него.”

Вечерта принцезата му го кажала тоа на ракот, кој ѝ рекол, “Земи ја прачкава, оди до капијата од градината и чукни со неа, ќе ти отвори еден црн човек и ќе ти каже: “Зошто ме повика и што сакаш од мене?” Одговори му вака: “Твојот господар кралот ме прати да ти кажам да му го испратиш неговиот златен оклоп, коњот и сребреното јаболко.” И донеси ми ги мене.”

Принцезата направила како што ѝ кажал и му го донела тоа што го барал.

Наредната вечер принцот се облекол за турнирот. Пред да појде ѝ кажал на жена му, “Внимавај кога ќе ме видиш да не кажеш дека јас сум ракот. Ако го направиш тоа нема да биде на арно. Застани покрај прозорецот со твоите сестри, јас ќе поминам на коњ и ќе ти го фрлам сребреното јаболко. Земи го, но ако те прашаат кој сум, кажи дека не знаеш.” Велејќи го тоа ја бакнал, ја предупредил уште еднаш и си заминал.

Принцезата стоела со сестрите покрај прозорецот и го гледала турнирот. Набрзо нејзиниот маж поминал на коњ и ѝ го фрлил јаболкото. Таа го фатила и го однела во својата соба, а по некое време мажот се вратил. Но, татко ѝ бил многу изненаден од тоа што таа не се заинтересирала за ниеден од принцовите, затоа закажал втор турнир.

Ракот ја советувал принцезата исто како и претходно, но овојпат таа добила златно јаболко од црниот човек. Но, пред принцот да отиде на турнирот ѝ рекол на жена си, “Знам дека денес ќе ме издадеш.”

Но таа му се заколнала дека нема да каже кој е. Тој уште еднаш ја предупредил и си заминал.

Вечерта, додека принцезата стоела покрај прозорецот со мајка ѝ и сестрите, принцот наеднаш поминал покрај нив на својот коњ и ѝ го фрлил златното јаболко.

Тогаш мајка ѝ збеснала, ѝ удрила шлаканица и извикала, “ Ни овој принц не ли ти се допаѓа, будало низаедна?”

На принцезата од страв ѝ се испуштило, “Па тоа е ракот!”

Мајка ѝ се налутила уште повеќе, отрчала во собата на ќерка  ѝ каде сѐ уште лежел оклопот на ракот, го зела и го фрлила во огнот. Кутрата принцеза горко плачела, но попусто; принцот не се вратил.

Сега ќе ја оставиме принцезата и ќе се вратиме на другите ликови во приказната. Еден ден, еден старец отишол на извор да ја натопи корката леб која сакал да ја изеде, кога од водата излегло куче, му го грабнало лебот од рака и побегнало. Старецот трчал по него, но кучето стигнало до една врата, ја турнало и втрчало внатре, а старецот го следел. Не го стигнал кучето, но се нашол пред едни скалила, по кои слегол. Тогаш пред себе видел една палата и кога влегол, во една голема просторија наишол на маса поставена за дванаесет луѓе. Се сокрил зад една голема слика, за да гледа што ќе се случи. На пладне слушнал голема врева и почнал да се тресе од страв. Кога собрал храброст да ѕирне од зад сликата, видел како влетуваат дванаесет орли. Од оваа глетка се исплашил уште повеќе. Орлите одлетале до фонтаната која била таму и се измиле во неа, по што наеднаш се претвориле во дванаесет убави момчиња. Седнале покрај масата, а едниот од нив зел пехар со вино и рекол, “Наздравје за татко ми!”. А другиот рекол, “Наздравје за мајка ми!”, и така сите наздравувале. Тогаш еден од нив рекол:

“Наздравје за мојата најмила,

да ми е жива и здрава,

ама проклета нека е мајка ѝ,

ми го изгоре оклопот таа крава!”

И кажувајќи го тоа горко плачел. Тогаш момчињата ја напуштиле масата, се вратиле до големата фонтана од камен, повторно се претвориле во орли и одлетале.

Тогаш и старецот си заминал и се вратил дома. Наскоро потоа слушнал дека принцезата е болна и дека ѝ е подобро само кога слуша приказни. Затоа отишол во кралскиот дворец, побарал прием кај принцезата и ѝ раскажал за чудните нешта кои ги видел во подземната палата. Штом завршил, принцезата го прашала дали би можел да го најде патот до таа палата.

“Да,” одговорил тој, “секако.”

И таа посакала веднаш да ја одведе таму. Старецот го направил тоа, а кога дошле до палатата ја сокрил зад големата слика, ја посоветувал да молчи, па и тој се сокрил зад сликата. Наскоро влетале орлите и се претвориле во момчиња, а принцезата веднаш го препознала својот маж меѓу сите нив и се обидела да излезе од своето скровиште, но старецот ја задржал. Момчињата седнале околу масата и принцот повторно рекол кога го зел пехарот со вино:

“Наздравје за мојата најмила,

да ми е жива и здрава,

ама проклета нека е мајка ѝ,

ми го изгоре оклопот таа крава!”

Тогаш принцезата не можела веќе да се воздржува, туку истрчала и го прегрнала. Тој веднаш ја препознал и рекол:

“Се сеќаваш како оној ден ти реков дека ќе ме издадеш? Сега гледаш дека зборував вистина. Но сега сето зло е зад нас. Сега слушај ме: Морам да останам маѓепсан уште три месеци. Ќе останеш ли овде со мене додека да помине тоа време?”

Така принцезата останала со него и му рекла на старецот, “Врати се во замокот и кажи им на моите родители дека ќе останам овде.”

Нејзините родители биле многу налутени кога старецот се вратил и им го кажал тоа, но штом поминале три месеци, принцот престанал да биде орел и повторно станал човек, па двајцата се вратиле дома. И си живееле среќно, а ние што ја слушнавме приказната сме уште посреќни.

Коментари


Остави коментар