logo

# Приказни

Железничка станица/Нова психоанализа

насловна слика
From:Epistorija Glagolaevna <[email protected]>To:Epistorie Nikiforoven <[email protected]>Date:03 September 2016 14:34 Subject: Re: zheleznichka.stanica Еписторие, Влегувам на железничката станица, низ која веќе со години не поминуваат никакви возови. На самиот влез пред чекалницата пишува: „Живеј го животот како денес да е твојот последен ден.“ Се прашувам кому му текнало да го закачи овој афоризам на место каде што нема жив човек. Којзнае каков ќе биде последниот ден. Патетично! Навистина имам видено некои луѓе во нивниот последен ден од животот, но никој од нив не сакал да му биде животот како последниот ден. Иако никој од нив ниту знаел дека тоа е судниот и последен ден. Каков е овој свет на видливото и оној свет на невидливото што лебди над нашите глави?, се прашувам. Исплашено излегувам од железничката станица. Ако едно нешто е надвор од нашето поле на делување, тогаш не вреди да се занимаваме со тоа и уште помалку да живееме во страв, мрморам. Со насмевка на лицето и олеснување во душата влегувам во првата бурекчилница и заборавам на натписот што го прочитав пред само неколку минути. Со нетрпение го чекам твоето известување за минатата вечер. До следната авантура од овој необичен град, Еписторија Г. From:Epistorie Nikiforoven <[email protected] >To:Epistorija Glagolaevna <[email protected] >Date:03 September 2016 16:34 Subject: Re: nova.psihoanaliza Драга Еписторија, Вечерва, првпат откако се преселив на периферијата на градот, бев на психоанализа. И тоа знаеш каде? – На 20 метри од нашата прекрасна висечка Железничка! По кратките формалности, докторот ми кажа да легнам на каучот (над кој висеше еден ужасно насликан портрет на Јунг) и ми рече да почнам, кога ќе посакам. „Опуштете се, не брзајте“, ми рече и извади еден мал црн нотес од џебот на сакото. Му го реков приближно ова: „Излегов надвор, најдов една фантастично свињофилична кал и загњурив во неа. Првите неколку метри беше прилично досадно: загубени топки, клучеви од автомобил, 2-3 ѕивани, лименка спрајт и неколку избледени фотографии. Но, како што навлегував подлабоко, стануваше многу поинтересно. Видов една куќа и влегов внатре. На прв поглед немаше ништо необично во врска со неа: пар гоблени по ѕидовите, мала масичка со пластично овошје, прастар пекинезер, кој лае на духовите од минатото, и една баба, која спие и сонува бебиња. Во втората просторија имаше една жена облечена како стриптизета, која изведуваше некој егзотичен танц качена врз работна маса на која имаше купишта испишана хартија. Одеднаш, во собата влезе некаков чиновник, седна на работната маса, извади пиштол и си направи симпатична дупка во главата. Стриптизетата продолжи да танцува и јас излегов. Во третата просторија имаше еден кафез со папагал. „Здраво, Еписторие!“, весело извика и се престори во мајмун, кој во наредните 15 минути ми го демонстрираше целиот еволутивен процес од бананофил до бирократофил и кога заврши, во кафезот видов совршена реплика на Јас како зјапа во мене, ги затвора очите и експлодира во брутална тишина. Ја истресов облеката од крвавите остатоци на кафезниот Јас, зедов длабок здив, испливав надвор од калта и се разбудив спокоен. „А што е со вашата мајка?“, ме праша психијатрот прилегнат во удобна кожена фотелја. „Денес ѝ е роденден“, му одговорив. Тој стана, почна да вреска од смеење, се поли со бензин, се запали, се залета кон затворениот прозорец и скокна. „Па... изгледа дека сѐ е во ред“, си помислив, излегов од ординацијата и исчезнав како лош сон по првата голтка вода. Мислам дека сум излечен, не ти се чини така? Е.

Коментари


Остави коментар