logo

# Приказни

За соништата, за денов, за оние кои ги нема... за Задушница

насловна слика
Неретко ги сонувам умрените и тие соништа ми се всушност едни од најпријатните бидејќи си ги гледам исто како да ми се тука, оние кои ги сакам, а ги нема на јаве. Татко ми, баба ми, дедо ми... баш ноќва се видов со сите. Бевме кај баба ми и дедо ми, бевме сите, цела фамилија со која не сме се собрале уште од времето кога беа живи. А какви собиранки беа тоа! Особено кога ќе ни дојдеа на гости роднините од Канада! Прво сите топтан ги чекавме на аеродром, па од аеродром пак сите топтан кај баба во Бутел. А таму спремени јадења за цела таа војска луѓе (кога ли ги спремала, ич не ми е јасно кога цело време шиеше, ама нејсе), дедо ми седнат на миндерот пред куќа, онака саркастично намуртен, пуши и дочекува гости, па прво ќе седневме накратко да се извидиме и потоа она што не` носеше во некој друг свет, налик на Холивуд! Жените собрани во гостинската соба (гостинската соба беше посебна приказна, во неа не се влегуваше туку-така и се чуваше за гости!, сосе зелениот тросед, двосед и фотелја, новиот регал во кој во една од полиците на спуштање се чуваа бонбониерите што ги крадев, ама за тоа во друга прилика) и тетка ми, односно баба ми е, ама си ја викаме тетка, почнуваше да ги отвора куферите што мирисаа на пудра како и таа самата. А внатре чудесии што нашите детски социјалистички очи ги гледаа само на филм. Алишта за сите, буквално за сите и мастиките кои најмногу ги чекав! Со некој јагодест вкус, ама супервкусни, американски! И се седнуваше на јадење. Огромна маса, поточно, споени маси и сите поседнати... ние децата ќе заспиевме, а во позадина како фон го слушавме смеењето на возрасните до зори; не можеа да се доизназборат. Баба ми и дедо ми одамна не се живи. Роднините од Канада се горе-долу, фала му на Бога, сите на број и во длабока старост, ама витални и здрави, уште еден доказ за квалитетот на живеење таму и тука... а мене ми фалат овие моиве бидејќи од кога ги нема нив, ништо веќе не е исто. Не дека сега не се гледаме, ама тоа чувство на припадност веќе го нема. И куќата во Бутел ја нема односно стои, ја гледам некогаш кога одам на излет на Скопска Црна Гора, ама не е веќе на Упалевци. И така. Фина работа овие соновите. Ќе те натераат да се потсетиш на убаво, а јас ич не мислам дека носталгијата е нешто лошо и патетично, напротив, ионака ја живееме сегашноста, зошто па да не се потсетиме некогаш и на минатото ако ни прави да ни е пријатно.

Коментари


Остави коментар