logo

# Приказни

За Продиџи и за музиката од нашата младост...

насловна слика

Во декември 1995 година бевме тазе четврта година средно и Скопје беше исполнето со алтернативна младина, навистина изгледаше како да сме дел од паралелен универзум зашто ни се случи неверојатен настан од другата димензија – Т-Фестивал!

Уште пред да бидат глобално познати, но сепак во екот на популарноста, Продиџи дојдоа во нашиот мал заборавен град на Балканот кој дури ни војната не го сакаше! Но, секако нејзината сенка нѐ демнеше, како што секојдневно треперевме под политичката несигурност или под притисокот на дотогашното економско ембарго од Грција; невработеноста и технолошките вишоци се натрупуваа, бевме затворени од сите страни, вистинско Буре барут во кои најмал збор, грешен поглед или постапка можеше да биде Firestarter.

Но, тогаш Firestarter уште не постоеше и „наши“ албуми беа премногу рејверскиот „Experience“ и омилен брејкбитовски „Music for the Jilted Generation“. Ја тресев главата на “Poison” зашто, како металец, тоа беше единствениот начин на кој знаев да играм. Продиџи некако совршено ми лежеа, а “Voodoo People” беше магична музика за нашата џитната генерација!

Настапот на Продиџи започна и пред да се свестам се најдов во шутката која ме сврте наглавечки и ме однесе како здивена река кон виорот во кој потонав. Се изнаголтав мартинки во сите бои, а некој со боксови ми отсвири хармоника дугметара по ребрата и на крај некоја маја(-гери) ме исфрли како износен партал од виорот. Додека се освестував сфатив дека ова беше нешто поинакво, не се шуткав на журка во Мјузик Гарден, ова беше ѕвер кој никој не можеше да го контролира – и тој беше подготвен да нѐ голтне!

Завршивме средно училиште и светот беше пред нас. Бевме млади и исполнети со надеж за подобра иднина. Јас се подготвував да заминам за Италија на студии. Проклета информатика за следниот милениум во бела Италија. „Нема да останеш без работа, оптиката е иднината,“ ме убедуваше еден пријател на мајка ми. Што можеше да тргне наопаку? Тоа е веќе друга приказна.

Се договоривме со Сандра, другарка од средно, да славиме заедно роденден и воедно да се простиме од друштвото. Секој требаше да замине по својот пат. Таа родена еден ден пред мене, на 12-ти, јас на 13-ти август. Пред две години се појави во нашето училиште како врвулица од енергија, живеела во Африка, се школувала кој знае каде по светот, знаеше подобро француски од нашиот професор, метузалемот Бошко кој наместо да нѐ учи за „же суи“ низ солзи во очите ни раскажуваше за авантурите на „кутрата Козета“ од „Клетници“ на Виктор Иго. Секој час, од почеток до крај, до неговиот крај, бог да го прости.

Забавата ја правевме кај мене дома. Ѕидот во дневната соба беше ремек-дело изработено од сестра ми, со нерамнини од гипс и светла одоздола кои даваа изглед на пештера, а во кујната гајбите пиво се празнеа побрзо отколку што можев да ги наредам.

„Тука изгледа како во кафиќ,“ рече Бојана, несудената љубов на мојот најдобар другар од средно, и соборец од клупа, Вла. Но, дневната се празнеше за сметка на мојата соба, каде имав нафрлано непотребни работи од другите простории, а токму таму против моја волја, далеку од музиката и забавата се насобраа моите другари и другарки. Бојана му раскажуваше на Вла за нејзиниот дечко, опасен моторџија-факултетлија со кој еден несигурен средношколец не можеше да се натпреварува. Двајцата бевме разочарани, јас од забавата, а тој од девојката по која копнееше. Всушност, и јас имав слична дијагноза. Само мојата беше во Мјузик гарден со нејзиниот дечко и морав да ја видам, веднаш!

Излетавме надвор во топлата августовска ноќ и пред да се свестиме поминавме покрај редиците насобрана раја на клупите во градскиот парк каде се толчеа Скопски, Кавадарки и Смедеревки во пластични чаши кои младост значеа. Се поздравивме со металците, панкерите и алтернативците и помеѓу себе ги исмевавме шминкерите кои беа упатени кон дискотеките во паркот и се најдовме пред Мјузик Гарден.

„Лична карта,“ изговори устата под ќељавицата на вратарот, а јас, со моите на тој ден полни, деветнаесет години се навредив и јавно протестирав како смее да не ми верува за годините. „Батка, ти може имаш и четириесет, но законот си е закон,“ рече тој со потсмев, а јас ја пикнав личната карта во задниот џеб и сигурно зачекорив кон градината на музиката.

Од звучките ечеше Ратамахата на Сепултура, популарна во тоа време и пред нас се одвиваше бесна шутка. Неколку вечери претходно таму го изведував мојот транс-танц, ја тресев главата како да сакам да ми се откачи од рамената, и скокав насекаде, додека другите ме гледаа со чудење, а некои од нив и со бес. Потоа излегов надвор и се упатив кон кејот и испеав риголето на реката Вардар. Но, вечерва во мене немаше алкохол, ниту радост, ја немаше неа, ниту имав желба за шутка.

Се вративме на забавата, Бојана беше замината, а ние двајцата покиснати. Музика пушташе Аритон, другар од средно, денешен познат реге диџеј, и од звучките трештеше познат звук, но непозната верзија на песна. Рефренот одеше: „I’m gonna send him to outer space, find another race“. Музиката сосема ме обзема, веќе не постоеше таа или тагата, само сегашноста и ритамот, како пулсирањето на срцето кое бара да чук-чука, здивот кој диш-дише, сега и веднаш!

„Што е ова,“ го прашав Аритон додека пребаруваше низ винилките што да пушти следно.

Продиџи,“ ми одговори, „синглови.“

Наскоро заминав во Италија, касетата со сингловите која ја преснимив од винилките на Тони ми стана најомилена и напреслушувана музика заедно со друга плејада бендови од тие 1996-97 година, а и подоцна низ годините и децениите, Продиџи направија неприкосновен спој од електронска и панк-рок музика, со гаражен призвук кој ги спои моите најголеми музички љубови во една незаменлива целина, како никој дотогаш… и засекогаш!

Како и секој музички правоверник, откако започна ерата на мобилните телефони, до ден-денес, сум имал само два рингтонови, „Out of space“ и „Voodoo people“. Затоа, денес не пишувам со тага, туку со благодарност за звуците кои од нашата мала сина точка во вселената патуваат со брзина на светлината кон познатите галаксии и непознатите цивилизации и го носат звукот на нашата младост, нашата историја, љубови, стравови, падови и победи. Можеби Лијам е мозокот, но Флинт е срцето! Останува да видиме дали мозокот може да преживее без телото?

„I’ll take your brain to another dimension…“

Коментари


Остави коментар