logo

# Приказни

За мартинките

насловна слика
А дојде март, почнуваат муабетите, сè тоа, па тоа. Од една страна, радикалните благочестиви христијани, од друга, недоволно информираните, но затоа секогаш гласни и бучни продавачи на ум кои се расфрлаат со "мудростите" дека мартинките биле "бугарска работа".  Првиве дури се дрзнуваат да велат дека секој кој ќе стави мартинка, во тој момент се откажал од Бог. Па спомнуваат демони, сатани, ѓаволи, Свети тајни, закани и манипулации, душегубие и не знам ти што, а оние кои ги носат, мислиш, сестри и браќа на Фауст се! Од такви радикалци и догматичари, скраја. Потполно спротивно од благоста Божја. Но, секој со својот крст и верување, впрочем.  А на второспоменатите, на оние кои без трошка познавања проповедаат мнение дека: "тоа не е наш обичај, тоа е бугарска работа", само ќе им го цитирам напишаново во Зборникот на Миладиновци, излезен 1861 година под заглавието Обичаи. Нашите стружани напишале: „Мартинки. Дента спроти Марта сучат црвено и бело предено со цело; и утрината го клавает на децата на грло, на р'це и ноѕе за здравје. Тие се викает мартинки, и со ним в Струга сретват ластoвиците. Таја вечер пременувает местата, к'де спавале до тога, за да не ги јадат болви. Тој ден малите деца прават ластовица от дрво шикосано, и пејет по к'штите: „Ластовица идеше, црно море пливаше... - Во сиот месец не јадат зеље останато од понапрежниот ден.“ Е, сега, ако Миладиновци ги сметаат за Бугари и ако Струга е во Бугарија, тогаш, да, во право се. А да не зборувам за Ксантика и за верувањата кои ги имал нашиов народ отсекогаш.  Впрочем, и суеверие да е, и паганско, па? Прстени носиме? Обетки? Се китиме со белегзии? И тоа се магиски украси, амајлии. Има нешто лошо во тоа? Да го оставиме народот да се порадува на пролетта што доаѓа, да се дотера со нешто што е симбол на радоста, а ако радоста ви пречи, затворете се во мрачните ќелии и вратете се во средновековието. А јас, сè додека постојат раце кои сакам да ги накитам со црвено-бели кончиња, ќе се сметам за среќен човек. 

Коментари


Остави коментар