ВРАЌАЊЕТО
Еден ден, тие се вратија. Бронтосаурусите, Велоцирапторите, Спиносаурусите, Карнотаурусите, Бракиносаурусите... Во низа, еден зад друг, полека чекореа кон својата дестинација додека тлото се тресеше во ритамот на нивните чекори. По пат ги следеа врисоци и панично бегање на сите страни, што подалеку од нивната патека. Но тие не ги забележуваа малите избезумени суштества. Имаа мисија, и само тоа ги интересираше.
“Мислам дека сме блиску”, Тираносаурус рексот му испрати мисла на Алосаурусот кој чекореше до него. “Го чувствувам сѐ посилно”.
“Мислиш знае дека доаѓаме?”, Алосаурусот му возврати со мисла.
“Ќе видиме...”
Како што доаѓаа сѐ поблиску и поблиску, возбудено мрморење се прошири меѓу редовите на диносаурусите. Наеднаш, еден Диплодокус здогледа нешто во далечината.
“Онде, кај грмушките!”, возбудено им пренесе мисла на останатите.
Тираносаурус Рексот, кој имаше најдобар вид од сите нив, се загледа во посочениот правец. И го виде. Златната коса му сјаеше на сонцето, додека тој беше занесен во борбата со грмушката. Еден удар со стапот, брзо повлекување наназад, па повторно во напад. Толку беше занесен во играта, што не ги ни слушна нивните чекори, не го осети тресењето на тлото.
Првото нешто што го почувствува беше жешкиот здив кој му ја развеа косата. Погледна нагоре и ги виде. Нивните застаклени очи, огромни челусти, канџите. Еден момент на изненаденост, а потоа на лицето му се рашири огромна насмевка.
“Дојдовме”, неколку од нив му испратија мисла.
“Вистински сте?”, прошепоти Калин.
Наместо одговор, Бракиносаурусот кој стоеше најблиску до него во еден залак ја изеде грмушката-непријател.
Калин воодушевено почна да се смее на цел глас.
“Ти нѐ повика”, стигаа до него мисли од сите страни. “Ги шепотеше нашите имиња пред заспивање, нѐ црташе со боички, со креди, со молив, раскажуваше приказни за нас, гледаше филмови за нас, нѐ сонуваше, помоќни и повистински од било кога. И така нѐ врати.”
“И сега?”, праша Калин.
“Ние сме тука заради тебе. Чекаме ти да кажеш”.
Диносауруси. Вистински, и само негови.
“Мислам дека за почеток треба сите да ги изедеме!”, извика Калин со ентузијазам.
Низ редовите на диносаурусите се рашири мрморење на одобрување.
“Само не мама!”
Не мама, никако мама, одобруваа диносаурусите.