Гане Тодоровски има песна за Васил Чакаларов. Ќе ви ја постирам сега да ја читнете. А факт е факт дека ние никогаш не сме учеле за овој ВМРОвец, прејунак. Не го знаевме, појма немавме... Инаку, од сите споменици од прилично грдото архитектонско решение Скопје 2014, најомилен ми е оној пред Католичка, токму од Чакалоров... баш е фин монумент, така разигран .
ВАСИЛ ЧЕКАЛАРОВ
„Го нема Васила – ја нема Македонија“ (црна народна поговорка)
Ни го отепаа јунакот-најјунак
В грб му истурија вжештено олово македонофобите,
Му ја пресекоа главата, на колец му ја наденаа,
Ја испорашетаа ширум Леринското, Костурското
Колку за страв и препал – живите мртвиот да го видат, Бидејќи без живиот Васил мртва е Македонија!
Лош есап си направиле ѕверовите – андартите,
Ни трошка ум да ти немале ѕверовите – андартите:
Му ја извишија на Васила наш Чекаларов главата Виш-вишум како глава над главите,
Како црвено, крваво знаме македонско…
Разбраа задуманите селани дека во земјата
Која со векови си ја викаат Македонија
Најдолго живеат мртвите, оние чиишто глави
Ко знамиња ги развеваат над нашите наведнати лица, Токму душманите!
Блазе ти земјо страдалнице, земјо непотчнета,
Блазе ти мртвите што си ги имаш за живи – Земјо обезвасилена, ама не и обезсилена,
Не грчи лице, не збирај веѓи, не нижи солзи,
Ќе има Васил и по Васила, верувај,
Допрва ќе се развасилат јунаците-новаците,
Стига да ни се живи мртвите,
Тој вруток семакедонски!