logo

# Приказни

УШТЕ ТРИ АПСОЛУТНО НЕПОТРЕБНИ ЉУБОВНИ ПЕСНИ

насловна слика

1.

во недела не се пишуваат песни

не се пости

(твоите очи треперат како плажа полна со француски нудисти)

во недела не се умира

не се оди непоканет на слава

во недела оживуваат малите перверзни луѓе кои живеат во твојата глава

во недела не се лета

туку се копа огромна дупка и се повикува целиот град во неа да скокне

во недела не се тагува:

огледалото треба да остане покриено

креветот жежок

прстите насмеани од уво до уво и облечени во скапоцено руво

во недела не постоиш ти

не постојам јас:

очите живо се затворија и го оставија мракот да сонува

2.

пак си далечна

будна и мртва

легната во гробница од утрински озборувања

со коса заплеткана како рајска бирократија

со прсти на кои и дрвото им завидува

пак си прекрасна

тажна и бучна

како фудбалска утакмица помеѓу лебот и народот

со нозе одвеани од лажни истории

со уши расплакани од срцеви пустелии

пак си проѕирна

светловна и уморна

како климакс на новогодишна ТВ програма

со усни вцрвенети од збунети контексти

со нос кој намирисал и подобри денови

3.

секогаш те имам на ум

и тоа прави птиците во мојата глава да летаат ниско

зашто кога и да се прошеташ низ моите мисли

дождот почнува да врне збунувачки

како првиот бакнеж во животот

како првата ноќ по смртта

како десетте прсти вперени кон окото на севишниот.

секогаш те имам на ум

а умот скоро никогаш не ми припаѓа

туку ми се плетка низ нозе

како кутре кое сака да мочка

и дава шепа за парченце од нашите коски

 кои заборавивме каде ги закопавме.

Коментари


Остави коментар