logo

# Приказни

ТРИ СЕМЕЈНИ ФОТОГРАФИИ

насловна слика
1. Татко ми, дотеран во бел костум со црна кошула и сребрена вратоврска со ситни точки. Има околу 22 години. Зад него стои ниско дрво со густа крошна, или џиновска жива ограда. Според местоположбата на сенката, часот е 11 наутро. Ликот му е самоуверен зад очилата со дебели рамки, кои, со мали измени во диоптерот и модата на времињата, останаа речиси исти до крајот на неговиот живот. Рацете му се зад телото. Татко ми имаше нервозни прсти и неверојатна енергија. Не знаеше да седи мирен. Не можеше. Долното копче од сакото му е откопчано. Има убави чевли и свежо измиена коса. Од фотографијата испарува силниот мирис на колонска вода. Татко ми е децентриран на фотографијата. Многу лоша композиција. Во средината се наоѓа портал кој ѕирка зад вегетацијата. 2. Татјана на веспа. Личи на Италијанка која само што не ја завел Грегори Пек. Тој е сигурно во Рим со филмска екипа, пие вино и им фрла шкампи на гулабите. Зад неа има висок камен ѕид, а зад ѕидот Фелини му се заканува на Марчело Мастројани и му удира шлаканица со бела ракавица. Марчело го одбива повикот за двобој, се напива чашка ракија од дуња и почнува да плаче. Плаче и Фелини, плаче и Џулиета Масина, плаче цела улица. Тажен римски ден во Скопје. 3. Свадба. Не се знае чија, но тоа и не е толку важно. Во просторијата нема многу простор за танцување, но гостите секако се снашле. Татко ми е облечен во бело и плеска со рацете. До него стои најмладата сестра на баба ми, Ѕвезда, дотерана во сив фустан со ситни темно-сиви орнаменти.  Таа е 15 години постара од татко ми. Скоро сите мажи на фотографијата имаат мустаќи. Една жена (која личи на тетка од трето колено) игра фламенко. Во долниот лев агол на фотографијата, свадбарскиот ансамбл почнува да свири твист.

Коментари


Остави коментар