1.
Те сакам
додека ветровите дуваат
низ твојата коса
како птици кои заборавиле како се лета.
Те сакам
додека јаболките паѓаат врз нашите глави
а ние немаме никаква идеја
за вечноста.
Те сакам расеано
расипнички
безвучно
додека глуварчињата ни го покажуваат патот
разлеан врз темнината.
те сакам
будно
на прва рака
додека нозете одат а духот стои во место
и се смее
на нашата ранливост.
Те сакам секогаш
и никогаш
а ѕидовите молчат
и се сеќаваат
на пролетта.
2.
Постојат бесконечно многу докази
дека те сакам:
некои совршено исправни
некои скриени зад аголот со касапски нож
некои срамежливи и болникави
некои ладни и непристапни.
Постојат бесконечно многу светови во кои можам да те сместам:
песокливи и пусти
со змии и шкорпии и бодликави растенија кои го чекаат нашето распетие;
водникави и плодни
полни со опасни зујала и светулки кои ни го покажуваат патот
по кој ќе се загубиме
и веќе никогаш нема да се сретнеме.
Сè постои кога те има
и сè постои кога те нема:
само светлината шепоти
поинакви вистини.
3.
Кога те нема,
докторскиот ракопис
станува читлив
и сите болести
добиваат смисол.