Точки на изгрејсонце
Откако трае пандемијата која го покри светот со целофан и го смести во изолиран излог далеку од очите на луѓето, јас почнав сам да си мотам цигари. Сите цигари што ги мотам се различни и за секоја од нив ми треба различно време. Прво земам филтер и го ставам во уста (како столар со клинец). Потоа, вадам ризла и на крај ставам онолку тутун колку што ми се конзумира во моментот. Понекогаш помалку, понекогаш повеќе. Потоа ја обликувам цигарата во помалку или повеќе препознатлива форма, го лизнувам лепакот и цигарата е готова. Обично ја палам веднаш и ја пушам за 2-3 минути. Вовлекувам длабоко и го чувствувам чадот до левиот прст на мојата нога. Кога дозата никотин убаво ќе се всади во моето битие, ја гасам цигарата во пепелникот и продолжувам да правам што и да правам во моментот. Често не правам ништо и само гледам во облаците над мојата глава. Некои од нив имаат запирки, некои извичници, некои прашалници, но на крајот секогаш на нив се појавуваат точки кои ме чешаат до изгрејсонце. Комшискиот петел кој е опседнат со точкестите облаци ме прашува дали на нив навистина има точки, или му се причинуваат поради кокошкиното слепило што го мачи последниве неколку месеци. Навистина, му велам и му намигнувам. Потоа долго пиеме кафе и го чекаме крајот на светот облечени во целофан и сместени во некој изолиран излог далеку од очите на луѓето.