logo

# Приказни

ТАТКОВНА

насловна слика

(фрагмент од „Веселите дневнички записи“)

Секојдневно се будам со траорно чувство дека дека ќе умре некој близок, и поради тоа мразам да излезам од креветот, од тоа кошмарно дувло, од хоризонталната положба на вечноста. Станувам. Главата ми влегува во облаци кои се секогаш полни со студена, но неотрезнувачка вода; вода во која се дават лековерните, оние кои ѝ се препуштаат на судбината, оние кои со нетрпение чекаат божјиот суд да им удри нежна клоца, да им ги истегне послушните ушиња и да ги испрати во спалната на Севишниот, под неговиот кревет, како термити, прашинки и помирености.

Желудникот ми вели: нахрани ме. Полека се облекувам и одам да купам леб. Продавачката е намуртена. Таа знае. Ѝ велам: „Добар ден“. Ме мрази. Ги мрази утрата, пладнињата и вечерите, ги мрази сите кои ѝ велат „Добар ден“. Тоа малку ме расположува. На неколку метри од дома го сретнувам татко ми. „Нели умре?“, го прашувам. „Да“, ми одговара. „Само поминав да ве поздравам и да си поиграм со кучето... Ќе дојдеш да ме посетиш некогаш?“. „Не“, му одговарам и тој почнува да се смее како дух во некој глупав хорор филм. Се смеам и јас. Комшиите нѐ гледаат како да сме им ги силувале децата. Тие не се сигурни дали нѐ мразат или нѐ сожалуваат. Смеењето стивнува, татко ми полека исчезнува, комшиите влегуваат во шахтите по должината на улицата, како термити, прашинки и помирености.

Коментари


Остави коментар