logo

# Приказни

Среќна Нова - баш тебе

насловна слика

Среќна Нова баш тебе, што не можеш да дишиш од загаден воздух, што шеташ со маска низ град дур плуќата ти е полна со секакви отрови - издржи еден ден ќе се наполнат белите дробови со чист воздух.

Среќна Нова баш тебе, што работиш две работи да прехраниш семејство, да плаќаш кредити затоа што без нив не би можел да ги прехраниш, што едната работа ја работиш за банки и извршители, а другата за преживување - ќе дојдат подобри дни.

Среќна Нова и тебе, што лежи болен во некоја ладна соба по државните болници, без соодветна нега, лекови и ти изгледа дека е крај на светот, а не е - ќе излезеш од таму посилен од кога и да е.

Среќна ви Нова и вас што системот ве отфрли па чекате спас во донации по СМС, што секој ден ви е борба каква што никој од нас не може да замисли, ако не ја преживеал - ќе биде се во ред.

Среќна Нова и тебе, што за кога 2019-та ќе се префрла во 2020-та ќе бидеш некаде на машина во кофекција за плата која дел ја враќаш во кеш и не знаеш дали малите диктаторчиња што се раководители на смена ќе ве остават пет минути барем да си честитате - ќе огрее сонце и за тебе!

Среќна Нова и за ти кој секој ден се бориш со депресија, мислиш дека е готово и нема смисла. Честито за секое станување од кревет, за секоја секунда што му се спротиставил на тој гаден црн облак кој секаде те следи - ќе биде подобро! Може не денес, не утре, но еден ден ќе се расчистат облаците.

Среќна Нова и вас на кои нема кој да ви честита затоа што најблиските ви се заминати по светот, среќна Нова на сите што во 12 чекате на Скајп, Вибер, ВатсАп да ви се јават најмилите и да ви честитаат, разделени меѓу самотијата и среќата дека нив им е некаде подобро.

Среќна Нова и тебе, што годинава која врви ти одзеде некоја мила и блиска личност, велат дека таа болка не врви, само се учиш да живееш со неа. Живеј со болка, во спомен на милите што ги нема, нека живеат преку тебе!

Среќна Нова и тебе што ти го скршиле срцето годинава. Мислеше не можеш понатаму? Еве си, читаш, преживуваш, живееш! Поголема среќа да си имал скршено срце отколку никогаш да не си љубел.

Среќна Нова и тебе, кој си во средно школо, сам и збунет, без друштво. Времето врви, работите се менуваат. Не е целиот живот средно школо! Издржи и прекрасни работи ќе се случат. 

Среќна Нова и вас, кои не верувате во себе, кој сте полни со соменжи дали вредите. Правете што сакате, тоа што ве прави среќни, вашата вредност не ја одредува мислењето на другите. Никој не е поважен од вас, а животот е прекраток да не го правите она што сакате.

Среќна Нова и на тие кои се борат со зависности, пороци и други демони. Држте се, не вејте бело знаме само така пред што и да ви борбата. Стегнете силно заби, посилни сте од се!

Среќна Нова на сите омаловажени, на сите туранти настрана од системот, на сите кои се борат со неправди, на сите жртви на ова општество. Ќе дојдат подобри денови, конечно ќе изгрее сонце за сите кои заслужиле да се најдат под него. До тогаш борете се!

Коментари


Остави коментар