СОКЧЕ И ПУКАНКИ
На ѕидот играат сенки кои не ги забележуваме. Одвреме-навреме застануваат, седнуваат и нѐ гледаат. Јас и мојата сенка гледаме филм во кој ништо не се случува. Сенките ни се лутат, зашто не ги нудиме со сокче и пуканки. Една сенка си ги пука прстите, излегува од ѕидот и истрчува надвор, на улица, да си поигра фудбал со маалските деца, но надвор нема деца. Разочарана, сенката се враќа на ѕидот и почнува да плаче. Мојата сенка ми вели дека има премногу плачење во моите раскази. Ја пречкртувам реченицата со плачењето и пишувам: Разочарана, сенката се враќа на ѕидот и почнува да свири на кларинет. Мојата сенка е задоволна и ми намигнува. Ѝ велам дека има премногу намигнување во моите раскази, но таа се прави дека не ме слуша. Сенките на ѕидот почнуваат да играат карти. Една друга сенка се лути, ги фрла картите во воздух и зачекорува на спротивниот ѕид. Таа има 180 килограми и ѕидот се урива од нејзината тежина. Сенката станува, ја чисти прашината од себе и седнува до мене. Како си?, ме прашува. Добар, ти? Онака, ми вели; Досадно е, нема што да се прави. Седни до мене, ѝ велам. Сакаш сокче и пуканки? Сенката се напива од сокчето, гледа во телевизотот неколку минути и заспива. Ја покривам и ѝ ги собувам чевлите. Мојата сенка љубоморно гледа и почнува да плаче. Нели има премногу плачење во моите раскази?, ја прашувам. Измисли нешто друго, ми вели, почнува да си ги пакува куферите и ме напушта. Легнувам до мојата посвоена сенка и заспивам. Заспиваат и сенките на ѕидот. THE END, рече филмот, тивко како смрт напладне.