Си беше еднаш една шарена девојка. На неа ги имаше сите бои на виножитото. Румени образи и црвени усни, косата со боја на бакар, очите со боја на ќилибар, чевлите жолти, фустаните сини, зелени, виолетови... Сите што ќе ја видеа, помислуваа: “Колку е чудесна оваа шарена девојка!“ И еден по еден, доаѓаа кај неа.
“Дај ми го ќилибарот од твоите очи, да направам ѓердан од него!“. И таа го даде.
“Дај ми го руменилото од твоите образи, да направам од него розови очила!“. И таа го даде.
“Дај ми го бакарот од твојата коса, да направам од него клуч и катанец!“. И таа го даде.
“Дај ми ги твоите жолти чевли, да ме однесат кај што свети сонцето!“
“Дај ми ги твоите фустани, твоите црвени усни, цветовите од твојата коса!“ И таа ги даде.
Откако ги ги даде сите бои, шарената девојка стана сива. Косата ѝ посиве, лицето ѝ посиве, очите ѝ станаа сиви, облече сив фустан. Сите што ја гледаа, викаа: “Колку е грда оваа сива девојка! Бегај сива девојко, со твоето грдо сивило!“
Сивата девојка стоеше на сивиот плочник, пред сивата зграда, во сивиот град, а околу неа се собираше сива магла. Таа ја отвори устата за да каже дека боите се внатре во неа, и тогаш сивата магла влезе во неа. Таа ја проголта сивата магла, а сивата магла ја проголта неа. И никој, никаде, никогаш повеќе не ја виде.