logo

# Приказни

Силиконска долина или ЛСД долина!?

насловна слика

Дали знаевте дека во Силиконската долина и технолошкиот свет во САД во последниве години е популарно микродозирањето со ЛСД?

Прашањето е зошто луѓе кои треба да бидат луцидни, сконцентирани на задачи и пред се практични би земале психоактивни супстанци кои ја менуваат свесноста и перцепцијата на реалноста.

Одговорот е комплексен. Во ера во која натпреварот е клучен збор доаѓаме до ситуации во кои берзата веќе не ја водат купишта бизнисмени кои се надвикуваат на цел глас „купи-продај!“ како што ни е познато од филмот Wall Street (1987) или кој било друг филм на таа тема од 1990-тите.

Денес со тргувањето раководат супер-компјутери и алгоритми кои се дел од т.н. „алгоритмичко тргување“ или „тргување со висока фреквенција“. Веќе не се работи за брзината со која берзантот ја крева слушалката, туку до близината на компјутерите до берзата, зашто тргувањето се мери во милисекунди, а кога податоците патуваат низ пократок оптички кабел тоа може да овозможи предност.

Слично на тоа, луѓето кои работат во технологијата се под огромен притисок за иновација, креативност, брзина и остварување на очекувањата на милионите луѓе низ светот кој чекаат нова апликација, нов телефон, нов компјутер со најсовремени карактеристики подобри од претходните.

Идеите не паѓаат од дрво (извини Њутн:) туку се производ на голем труд, истражување, здружување на умови, експериментирање, непроспиени денови, недели и месеци жртвување на приватниот живот, итн. Но и покрај сите напори можно е да ви недостасува онаа искра, визија или генијална идеја која ќе ги смени нештата.

Познато е дека Стив Џобс и Бил Гејтс експериментирале со ЛСД во младоста, но не значи дека тоа е причината за нивната генијалност. Алберт Хофман, првиот научник кој го синтетизирал ЛСД, зборува за своите искуства во својата книга „ЛСД, моето проблематично дете“. Ризиците од употребата на оваа супстанца се големи, губењето на чувството за реалноста, развивањето на шизофренија или други форми на психички пореметувања се чести.

Сепак, новиот тренд за микродозирање со ЛСД зборува за тоа дека луѓето кои се занимаваат со технологија веруваат дека оваа супстанца ќе им помогне во потрагата по оригинални идеи, креативност и инвентивност. Целиот тој “safe” пакет, според пропонентите на оваа идеја, се добива без губење на чувството на себеси и измена на перцепцијата на реалноста.

Сепак, можно е дека се работи само за нов плацебо-тренд кој, како и хомеопатијата, им помага на луѓето по принцип на авто-сугестија, т.е. зашто самите веруваат дека им помага.

Ако сте заинтересирани за оваа тематика, прочитајте ја оваа статија каде исцрпно е истражено прашањето за тоа дали се работи за вистински или замислен ефект.

Коментари


Остави коментар