„Се гледаме наскоро. Е.“
„Се гледаме наскоро. Е.“ е чудесно свежа и иновативна книга, забавна за читање, Роман кој обединува серија кратки раскази околу електронската преписка на двата измислени главни ликови, Еписторија Глаголаевна и Еписторие Никифоровен. Епистоларните романи не се новитет ниту во светската, ниту во македонската литература. Почнувајќи од 15 век до денес речиси секогаш и секаде се присутни, во сечија литература. Ова епистоларно дело ја продолжува традицијата и во Македонија започната со романот „Исток-запад“ од Јадранка Владова и Небојша Кнежевиќ пред петнаесетина години. Новитетот е во темите што ќе се појават во овој роман и начинот на којшто ќе се направи тоа.
Драгана Евтимова и Владимир Лукаш преку нивните писмописци и раскажувачки гласови – Еписторија и Еписторие, соодветно успеваат во епистоларниот роман, освен реалистичната постапка и секојдневието, да вметнат и нота на надрализам, микрораскази од руски тип налик на оние на Хармс, извадоци од весници и списанија, книжевни критики, па сè до делови кои личат како репортажи од National Geographic. Сето ова придонесува овој роман да се чита и како дневник и како размена на електронска пошта и како лексикон на значења и долги прошетки по сферите на реалното, надреалното, магичниот реализам, чудесното и фантастичното.
Книгата е издание на издавачката куќа Антолог.
From:Epistorija Glagolaevna <[email protected]>
To:Epistorie Nikiforoven <[email protected]>Date:02 September 2016 23:34
Subject: Re: bez.naslov.no.so.povod J
Драг Еписторие Никифоровен,
Сакам да те известам дека денес мојот авион слета во Градот на иднината. Патувањето беше безбедно и мирно. Бидејќи не можев да заспијам, постојано размислував за возбудливите прошетки низ градот. Во овој момент седам во едно кафуле спроти една огромна стоковна куќа, на која не ѝ го запаметив името, и додека ти ја пишувам оваа порака, ги читам паролите што самите се вртат на сите страни. Можеби има некаков штрајк, бидејќи на нив со големи букви некој напишал:
Добре дојдовте во Градот на иднината!
Добре дојдовте во највозбудливиот град на светот!
Добре дојдовте во Метрополата на младината, овде и само овде:
Младоста е Револуционерна!
Револуционерна е Младината!
Напред, Младино!
Бидејќи паролите сами се движат, зедов една парола на којашто пишуваше Добре дојдовте во највозбудливиот град на светот! и ја закачив на ѕидот над креветот на кој спијам.
„Ќе се најде за нешто“, гласно си помислив, се покрив со ќебето и заспав.
Утредента се разбудив во сосема друг град. Нов и модерен. Каде што паролите не постоеја. Ниту пак сами се движеа.
Добра ноќ,
Еписторија
From:Epistorie Nikiforoven <[email protected] >
To:Epistorija Glagolaevna <[email protected] >Date:03 September 2016 00:34
Subject: Re: mafijashki.film…..
Драга Еписторија Глаголаевна,
Го читам твоето писмо и наслонот на двоседот почнува да ми крцка, додека на телевизија пуштаат мафијашки филм. Играат тенис и договараат да убијат некого. Одеднаш еден автомобил застанува до нив. Тие се качуваат, се возат во тишина и се паркираат пред мојата зграда. Кучето молчи, се прави дека спие. Една смрдливка, зуејќи како луда, се сместува во подножјето на лустерот и го деактивира смрдежот. Ѕидовите се бели и исфлекани од незаминатите сенки, кои ми намигнуваат. „Доаѓам, момци!“, им довикнувам и почнувам да се облекувам. Ако преживеам, ќе те известам како се одвиваше вечерва.Добра ноќ,
Еписторие