САКАМ ТОСТЕР
Баба ми Иа тостерот го вика тост, а тостот – тостер. „Да ти направам еден тостер на тост?“, ме прашува и чека одговор. Малку се кикотам и и’ велам да. По неколку минути го вкусувам „тостерот“: одличен! „Сакаш уште еден?“ Секако! Кашкавалот се тегне како сонливо бебе, лепчето крцка со звук на замрзната роса, а јас уживам и му се лутам на времето оти овој миг кога-тогаш ќе заврши. Излегувам откај баба ми и се упатувам кон првата поголема продавница за бела техника.
- Добар ден, имате тост?
- Мислите - тостер?
- Не, тост. Машина за правење тостери.
- Извинете, но тоа се вика тостер.
- Тостер е прекрасен топол сендвич, како можете да не го знаете тоа?!
- Господине...
- Ве молам, сакам да зборувам вашиот менаџер.
- Во ред... почекајте малку...
До мене се приближува ситен човек, висок околу 160 сантиметри, тежок околу 45 килограми.
- Добар ден, што можам да направам за вас?
- Сакам да купам тост.
- Но, господине, ова е продавница за бела техника, сендвичарата е карши нас, таму ќе ви направат убав, голем тост. А сега извинете, имам итен состанок.
- Ме правите будала?! Сакам да купам тост, портокалов тост – искра! Вие сте сопственикот на дуќанов?
- Не, само менаџер.
- Сакам да зборувам со сопственикот, веднаш!
- Госп...
- Доста со тоа господине! Веднаш, веднаш, веднаш! Донесете ми го сопственикот веднаш! Сакам тост, тост, тост!!! Престанете да ме мачите, продајте ми тост! Портокалов тост! Сега, ве молам, ве преколнувам!!!
Ми пријдоа неколкумина крупни мажи, ме зграпчија за крагна и ме исфрлија надвор од продавницата. Додека плачејќи врескав, околу мене се собраа десетина луѓе, меѓу кои и баба ми Иа.
- Ела со мене, остави ги овие...
Ми ги избриша солзите и ме праша:
- Сакаш тостер?