Ре/Капитулација на 2019та - ЈАНУАРИ
Годината започна со многу ниски температури и снег. Освен “Македонија пат”, никој друг не беше изненаден, оти ваквите температури беа најавени уште кога се тркалавме по плажите на наше море во септември.
И се сеќавам, ко лани да беше, бевме пресреќни кога ќе начекаме барем -15 степени, да може човек на раат да излезе до дворче, со секирчето да си делне од празот во мразот и да се врати безбеден, без да се поздравува дома со најмилите, ко да го гледаат за последен пат.
ЕВН беше најсреќна, златно доба... а не ко денес, сонце... сонце кое плаче да отвориш врати и прозори и ѕидови за да излуфтираш куќа, но само да не беше комшијана, да не го гушеше Радишани веќе 3 саати со скара во двор. Класика македонец, 1 јануари, 10 часот, виенски концерт и кременадли, не се знае кога последен пат јадел штом на 1 јануари сабајле мора скара да распали!? А и па од друга страна, се грижи и за здравјето на останатите, не дозволува да се угушиме од чист воздух, едноставно јак карактер, не дозволува бе! Ненавикнати на него, од кај знаеш што може да ти се случи од премногу кислород во бели дробови. Тоа ми е останато од градскиот татко, дека пм10 мора да се одржува увек на над 140ка!?
Кавадарци и кавадаречко беа исчистени ЦЕЛОСНО од снег дури на 6ти јануари. Кавадарчани, денес, кога ќе се присетат на тие моменти, едни велат дека не се сеќаваат, им се погодила реколтата, а другите велат зашто сме им реметеле мир, исто и на нив им се погодила реколтата.
Првото бебе во Новата, во Кочани, беше женско. Некои велат дека се родило во февруари/март, но не се најде човек што оди накај Кочани во 2019та за да ги провери информациите.
Макрадули тестирал, експериментитрал и накај 10ти јануари ни излезе со соопштение дека коледарските огнови му покажале дека греењето на дрво е главниот загадувач на воздухот во Скопје. На тој начин ја ослободи Цементара целосно од можноста да учествува во загадувањето барем со 1%, тоа нешто кеш од коледе си го кладе в џепче и од тој експериментален ден до денес, да!, тачно! - не е виден.
Тевдо излезе на ТВ и ни кажа дека сега кога ќе влеземе во НАТО, ќе сме имале економски раст. Тевдо денес го нема, но може да излезе Нина и да го повтори истото и за во 2020та.
Мила излезе со соопштение дека за невакцинирано дете, родител ќе треба да плати глоба од 350 до 650 евра по комад дете. Сите се чудевме како ќе бидеме процесирани и како би знаеле дали ќе треба платиме 350, 450, 550 или 650 евра, на што и таа се замисли, но не даде одговор.
13.01.2019 – сдс и дп/не ратификувале некаква тоалетна хартија од Преспа.
Истиот ден, Зец заминува на 40 дена скијање во Гармиш.
Кочо не отиде на скијање и остана тука да се грижи за нас. Еден ден немаше што да прави, си излезе културно на прес и за наше добро ни кажа дека предвремени избори би го спречиле економскиот БУМ, предвиден за 2019 година. Предвремени немаше, бумот го осетивме.
На 27 јануари Филипче ја грабна внука му и пред камери излезе да ја вакцинира. Откако го фатија дека не ја вакцинирал, кажа дека се работело за симболика. Народот ја сфати симболиката.
Пензионерите беа малку збунети од математиката на Мила, не им беше јасно како тоа пензиите ќе се покачиле за 900 денари, а наредната ќе била 400 денари пониска, за да се порамнеле со потрошувачката кошничка. Пензионерите ја прашаа за мало појаснување, таа повторно не одговори, а и немаше потреба, нека читаат книги и не замараат.
Кирац во јануари го направи пресот на годината. Повика прес во 12 часот. Новинарите беа точни. Точен беше и Кирац. Единствено инфо/соопштение од страна на Кирац на тој прес беше дека ќе има прес за точно 7 дена. Без можност да му постават прашања, си замина од пресот. Ѕвер!
Кина се спушти на темната страна на месечината. Тотално непотребно. Никој нит ги чул нит ги видел во таа темница таму еве веќе година дена!?
Мијалков добива уште една тура притвор. Правдата на видик.
Од оние убавите вести, македонските одбојкари се пласираа на ЕП. Успеси на повидок.
Кобајаши победи на сите 4 новогодишни скокалници, само трет во историјата. Браво!