logo

# Приказни

ПЕТТИОТ ПРОЛЕТЕН ДЕН

насловна слика

Мајмунот секогаш се однесува како мајмун, слонот како слон, коњот како коњ. Против нивната природа е да се однесуваат поинаку. Мајмунот не може да ги има манирите на еден крокодил, ниту слонот може да лета од цвет на цвет за да собира полен - колку и да е луд. Човекот може. Како човек, повеќе пати сум се однесувал како мајмун, понекогаш како слон, понекогаш како коњ. Можам да бирам, зашто сум човек - кралот на животните, најголемиот камелеон меѓу камелеоните, алфа и омега во познатиот универзум, суштество кое знае да гледа на часовник и да менува канали на телевизорот се' додека коските не му се соединат со расклатениот кауч, и да се расправа со спикерот од вечерните вести кој со идентичен тон не' информира за првиот пролетен цвет и за нуклеарната хаварија на далечниот исток. Да бев колибри, немаше да ми биде гајле дали ќе стигнам да заверам неколку документи од суштинска важност за мојата иднина, туку мирно ќе долетав во канцеларијата на извршителот и ќе го искркав сиот полен од неговите цвеќиња. Или, ќе појдев кај мојот работодавец и ќе му кажев: „Господине Кешодав, не можам веќе да работам кај вас, зашто морам да јадам. Знам дека ви звучи чудно, но мавтам со крилјата цел ден и нон-стоп сум гладен, срцето ми бие 1000 пати во минута и за осум часа работа во вашата фирма отчукува дури 48.000 пати. Пресметајте, ве молам: 48.000 срцебиења делено со 1000 денари дневница...“, работодавецот ќе ми ја пуштеше својата мачка и тука ќе завршеше оваа приказна, која, всушност, и не е приказна, и никој немаше да се сети дека оваа не-приказна почнува со реченицата: „Мајмунот секогаш се однесува како мајмун, дрвото како дрво, обесениот како плод, џелатот како Бог“. Потоа продолжувам да зборувам за сокаците и двете маала од моето детство, за мојата прва љубов, за тоа како еднаш бев заробен во пиратска пештера цели 15 години и кога конечно избегав решив дека веќе не ми се живее на овој свет како човек. Можеби како мајмун, коњ или колибри. Или како некој сосем неупотреблив збор.

Слобода.

Коментари


Остави коментар