ПАТЕТИЧНА БАРОКНА ПРИКАЗНА
Еден ден, Јохан Себастијан Бах си ја заборави периката на органата и си појде дома. Беше ладен декемвриски ден во Лајпциг, и никој на улица не забележа ништо, зашто Бах носеше капа. Кога стигна дома, ручаше со сопругата и со неговите тринаесет преживеани деца, седна на чембалото, но ниту една нота не сакаше да се дружи со него. „Ах“, рече Бах, си го запали омиленото луле, седна покрај прозорецот и набргу задрема. Доцна во ноќта, откако се увери дека сите вработени во црквата „Свети Тома“ си заминале, неговата перика стана, погледна лево-десно, седна на органата и почна да свири. Импровизираше прекрасно. Сите фрески, свеќи и столчиња ги начулија ушите и уживаа во божествената музика која излегуваше од таа бела перика со кадрици, па дури и духот на Мартин Лутер цупкаше со нозете понесен од ненадејна радост. Таа вечер Бах сонуваше како сите инструменти во неговата куќа играат карти, пушат пури и пијат виски, и никој од нив не му обрнува внимание. Бах се разбуди препотен, клекна до креветот и почна да се моли: „Erbarme dich, Mein Gott, um meiner Zаhren willen!“, повторуваше и гледаше кон небото, додека ангелите палаво се кикотеа. Утрото кога стигна на работа, Бах беше ужасно тажен. Седна на органата, сакаше да отсвири еден акорд, но рацете не го послушаа и само меланхолично виснаа покрај неговото тело. Кога го виде ова неговата перика (која беше задремала на едно кадифено перниче), доползе до него, го потегна за ногавицата, Бах ја крена, ја погали, ја стави врз својата бушава косa и заедно почнаа да ја свират најубавата мелодија на светот.