ОСТАНИ ДОЛУ
Тој имаше обичај сите прослави да ги помине медитирајќи под некоја маса, и кога сите ќе си заминеа излегуваше и ги допиваше сите недопиени пијалаци. Голтка по голтка, чаша по чаша. Веруваше дека така ќе го вкуси расположението на сите веселници посебно, зашто тој самиот не знаеше ниту да се радува, ниту да тагува. Кога го откри својот хендикеп, тој реши да направи еден мал експеримент: влезе во излогот на една продавница, ја облече облеката на пластичниот манекен и застана на неговото место. Никој не забележа дека пред нив стои живо суштество. Откако ги испи сите недопиени чаши, зеде еден нож, си ги пресече вените и од нив истече сета здодевност на светот.