ОРХИДЕЈА ВО КАРАНТИН
На работната маса имам фломастери, хартии, ризли, тутун, филтерчиња, запалка, неколку книги и бувче што се клати на светлина од ламба. Би сакал да имам цвеќе, но, не влегува многу сончева светлина во моето ателјенце и ако ставам какво било растение, автоматски ќе го осудам на смрт. Пробав со пластични цвеќиња, пластични овошки и зеленчуци, но со тоа само направив пчелите да паднат во депресија. Сега давам пола од мојата плата на еден локален психијатар кој ми вети дека ќе ги излечи кутрите пчели. Би сакал да имам орхидеја. Црвена, бела, розова, сина... сеедно. Ќе си зборуваме за минатото, сегашноста и иднината, за децата кои врескаат низ улици за време на полициски час и за нивната фасцинација со разни шарени зомбиевци, за соседите кои од досада си ги уриваат, па повторно си ги градат куќите, за сокриените сообраќајни знаци во мојата населба, за политика, секс, за шпански и турски серии, за класична музика, за крајните рокови, за смртните казни, за паниката која ми тече низ уши и ми пее балади, за црвената и зелената боја,.. за сè што може да ни текне во едно сосем обично неделно приквечерие кога дури и птиците молчат слушајќи си ги брзите џивкања на своите срца.На работната маса имам фломастери, хартии, ризли, тутун... и по едно ах, ох и ех кои треперат како одамна исчезнати ѕвезди во една одамна напуштена галаксија.