logo

# Приказни

Од идеја до егзекуција

насловна слика

Ја сретнав на скопскиот аеродром, прв пат после долго време и во прв момент не ја препознав. Се имаше маскирано со големи очила за сонце и марама на главата, седеше стуткана во еден ќош како да сака да се скрие. Ѝ пријдов и седнав до неа. Се обиде да се прави дека не ме знае, ама на крај мораше да попушти пред мојата упорност. Млако ми климна со главата, што исто така ме изненади, би требало да се чувствува почестена што ме гледа!

Сигурно сте слушнале за мене и за мојата агенција Тазе адвертајзинг, откако последниве години го освоивме пазарот. Јас сум на позиција ЦЕО/креативен директор/концепт мејкер/чиф криејтив офицер (ова последново го додадов откако го видов на визит картата на еден креативец од Израел, ми се виде како одличен начин да се разликуваме од конкурентските агенции Маркетинг по мерка и Креатива на кило). Сепак креативноста се гледа и во тоа до кој степен си спремен и за наједноставните работи да најдеш колку што е можно посложени називи. Колку понеразбирливи за општата јавност, толку подобро!

Разговорот со неа одеше некако како сосила, ама на крај призна дека се крие и дека е во бегство. Почувствував дека на некој начин ми префрла. Ја прашав за причините за нејзиното заминување.

“Ти би требало многу добро да знаеш зошто“, ми одговори.

Јас? Од каде сега јас, што сака да инсинуира со ова?

“Ти и оние твоине од Тазе адвертајзинг. Ајде размисли добро, сигурно се сеќаваш на ситуацијата со супермаркетот.“

Се замислив и ми текна за што зборува, ама не е можно тоа да е причината... Тоа беше уште на почетоците на Тазе адвертајзинг...Откако две недели времето го поминував од состанок на состанок, се вратив на работа во прав момент. Тимот штотуку ја завршуваше кампањата за еден голем ланец на супермаркети. Идејата беше одлична! Храбра, провокативна и со доста хумор, по малку шокантна, совршена "фестивалска" идеја. Клиентите сигурно ќе бидат презадоволни, со оглед на тоа што ни бараа оригинална и храбра идеја. Отидов да ја презентирам со голема самоувереност, баш како да е моја идеја, иако до пред два часа ја немав ни слушнато. Клиентите ја ислушаа презентацијата, цело време додека зборував климаа со главите во знак на одобрување, се смееја на смешните делови, беа изненадени кога дојдов до шокантниот момент, сè одеше совршено. Завршив и чекав да кажат колку се одушевени.

"Одлична идеја", почна директорот.

"Многу смешно", се надоврза маркетинг менаџерот.

"Ха ха...", срамежливо се насмеа маркетинг асистентката.

Задоволно се смешкав.

"Кога може да очекуваме друг предлог?", ме пресече директорот.

Како? Како тоа друг предлог? Од каде сега ова? Овие мисли ми пролетуваа низ глава, ама се воздржав да не им свикам.

"Идејата си е добра, ама премногу е "risky" за нас. А од друга стрна, не е доволно “fancy“."

"Да, да, сепак нашиот таргет..."

"Пазарот кај нас е поконзервативен..."

"Мислевме дека барате оригинална идеја", ги прекинувам.

"Да, да, оригинална, ама не до толку. Еве, на пример, нешто вакво."

Ми пуштаат линк од некоја кампања за француски супермаркет на јутјуб.

"Како тоа мислите нешто вакво?", строго ги прашувам.

"Баш вакво. Снимете го истово ова, ама кај нас.Ова е оригинална идеја каква што ни треба."

"Да, оригинална е затоа што Французиве први се сетиле да ја направат. Ако го направиме ние истото, нема да биде оригинално", пробувам да им објаснам.

"Глупости. Ќе биде оригинално затоа што ќе бидеме први што го направиле кај НАС", поентира директорот, нагласувајќи го тоа “нас“. Останувам без аргументи, а исто и мојот колега Г.К., копирајтер/соушал медиа менаџер/лектор/медиа планер/преведувач во “Тазе адвертајзинг“, со кого тажно се погледнуваме.

“И АСАП пратете ми ЦЕ, за интерактивен КВ со иновативен ХЛ, ама да биде енгејџинг!“, маркетинг асистентката го користи моментот на надмоќ за да покаже колку добро е упатена во адвертајзингот и дека не е сељанка па да користи македонски зборови, при златен англиски.

На крај им снимивме кампања со насмеано семејство во супермаркет, како насмеано бира производи и на крај насмеано плаќа на каса. Фокус групите покажаа дека оригиналната идеја што "им текна" да ја направат беше сепак преоригинална за нашиот пазар, односно две домаќинки во фокус групите кои беа најгласни ги убедија останатите дека идејата е "тешка глупост". Насмеаното семејство помина одлично кај фокус групите, особено што девојчето во спотот беше внука на комшиката на една од гласните домаќинки.

Таа веројатно мисли на оваа ситуација, ама тоа не е причина за бегство, ниту пак за да гледа некоја вина во нашата агенција.

“Види, ние дадовме сè од себе, не можеш нас да нè обвинуваш...“

“Сите вас, заедно со оние од Маркетинг по мерка и Креатива на кило. Сите сте исти,“ завршува мрачно.

Е сега го претера. Како може Тазе адвертајзинг  да ја споредува со Маркетинг по мерка и Креатива на кил“, сепак ние сме добитници на Златен Носорог!

“И не ми го спомнувај Златниот Носорог“, продолжува како да ми чита мисли. “Многу добро знаеш дека со него се изневеривте и себе и мене“.

Не ми се верува, го спори нашиот Златен Носорог, легитимно освоен на Регионален Фестивал! Па во најтешките моменти си го гледам мојот Златен Носорог, така елегантно седнат на моето биро и си повторувам: “Најдобри сте, најдобри сте...“

Всушност, Златниот Носорог беше резултат на отфрлената идеја за ланецот супермаркети. Решив дека е штета идејата да пропадне и дека би можеле да ја пријавиме на фестивал за адвертајзинг. Проблемот беше тоа што “ghost adds“ се забранети на ваквите фестивали, односно идеи кои агенцијата си ги измислила само за да ги пријави на фестивал, а не биле нарачани и реализирани од страна на клиент. Брзо најдов решение за овој проблем. Нашиот колега А.Б.Т., дизајнер/фотограф/монтажер/веб програмер/аниматор има другар од основно, чија братучетка има гранап во Драчево. Таа ни го потпиша формуларот за клиенти со кој потврди дека е наш клиент и дека ја нарачала и реализирала кампањата. Набрзина дигитално испечативме неколку постери, измонтиравме кејс-стади и се пријавивме. На мое големо задоволство, ми јавија дека сме ја добиле главната награда, Златен Носорог. Заклучив дека нема потреба да им досаѓам на колегите од Тазе адвертајзинг со оваа информација, и отидов лично да ја подигнам наградата. Кога се вратив и ја споделив информацијата со нив, како да не беа најсреќни.

“Ама, ти не ни учествуваше во процесот!“, ми префрли М.К, арт директор/режисер/директор на продукција/асистент на продукција/одговорен за кетеринг.

“Како не учестував, па јас ја завршив најважната работа, ја подигнав наградата. И одржав емотивен говор!“

“Каков говор?! Се качи на сцена, го зема Златниот Носорог и кажа – Фала и кај вас!“

“Па реков дека беше емотивен говор! Од толку емоции не можев да кажам ништо повеќе!“

Ете, сега почав да се нервирам само од што се потсетувам на овие настани. Ама не гледам зошто ТАА сето ова го сфаќа лично. Никој не дозна дека нашата кампања е “ghost add”, освен некои учесници на фестивалот кои дојдоа од Македонија и мрчеа за тоа дека таква кампања немало кај нас и дека никој не ја видел... Хејтери!

“Забораваш и на тендерот на Владина Невладина“, таа продолжува со обвинувањата.

Секако дека не заборавам, тоа беше првиот тендер на НВО на кој учествуваше Тазе адвертајзинг. Невладината организација Владина Невладина веќе со години успешно работеше под слоганот “Цела младина во Владина Невладина“. Отсекогаш се восхитував како копирајтерот со овој слоган успеал во една реченица да ги сумира амбициите на повеќето млади луѓе во Македонија – да работат колку што е можно помалку, за колку што е можно поголема плата. Ја подигнавме тендерската документација со која бараа кампања за зголемување на свеста кај општата јавност за недискриминирање и прифаќање на ЛГБТ заедницата. Одлична тема, веднаш почнаа да ни доаѓаат креативни идеи. Имаше само еден проблем – рокот за предавање на кампањата беше... вчера. Бевме навикнати на кратки рокови, таков е бизнисот, ама сепак останавме збунети. Тендерот е објавен денес, а рокот за предавање е... вчера.

Следниот ден од сите медиуми нè бомбардира кампањата на Владина Невладина за недискриминирање на ЛГБТ заедницата. Или барем тоа го кажува спикерот на крај на рекламата и го пишува на сите материјали, инаку тешко дека ќе ја сфатевме поврзаноста. Во спотот има разни млади луѓе, зборуваат за љубов и разбирање, убаво, ама од недискриминација на ЛГБТ нема ни “Л“. Нашиот клиент сервис директор/акаунт менаџер/финансов директор/офис менаџер/шофер  М.С. се познава со братот на сопругот на една госпоѓа која работи во Владина Невладина. Го наоѓаме нејзиниот број и незванично се јавуваме во обид да сфатиме што се случува. Госпоѓата е прилично револтирана од нашата инсинуација дека тендерот можеби бил договорен и со индигнација ги отфрла нашите аргументи како е можно вчера да распишале тендер со рок за предавање до завчера, а веќе денес да имаат кампања на сите медиуми.

“Тоа е така затоа што вашата конкуренција, Креатива на кило, за разлика од вас, размислуваат. Им текнало дека одамна сме немале кампања и дека дискриминацијата на ЛГБТ заедницата е актуелен проблем. Претпоставиле дека сигурно ќе имаме тендер во скоро време, а толку многу верувале во својата идеја што решиле однапред да снимат реклама и да ги испродуцираат сите останати материјали за кампањата. Тоа е затоа што се проактивни и ентузијасти, а не како вас, циници, скептици, негативци и песимисти!“, писка женичката преку спикерфонот.

“Освен тоа, работеле и дење и ноќе, во овој бизнис нема работно време. И доста ме замаравте, мора да одам да правам ручек, компир манџата нема сама да се направи!“

На нашата дрска забелешка дека не е ни три часот, нервозно пресекува.

“Да сакав да работам после три ќе си останев во агенција, немаше да се вработам во НВО.“

За крај, ја прашуваме каде во кампањата се зборува за дискриминација на ЛГБТ заедницата.

“Во слоганот! Сепак таргет групите кај нас не се спремни да прифатат поотворено да се зборува за таа тема... Кога да очекувам дека ќе ја пратите вашата понуда?“

Како наша понуда, па нели кампањата веќе оди, ништо не ни е јасно.

“Ми треба трета понуда, таква е процедурата“, длабоко се издишува женичката, очигледно нема веќе трпение за нашата неупатеност во функционирањето на работите.

Со колегите дебатиравме околу ова прашање и на крај заклучивме дека сепак треба да го пратиме нашиот концепт, можеби ќе ги одушевиме со нашата креативност и ќе имаме поголеми шанси кога ќе го распишат следниот тендер. Ја испративме нашата генијална идеја, знаејќи дека најверојатно никој нема ни да ја погледне...

Почнувам да сфаќам што сака таа да ми каже, додека седиме на скопскиот аеродром, ама сепак...

“А кога прифативте во рекламата да ставите статист во слоновски костим, наместо вистински слон?“

“Ама, немаше буџет...“

“А кога отиде на презентација кај клиент и ги убеди да го одберат твојот концепт наместо концептот на копирајтерот/ соушал медиа менаџерот/лекторот/медиа планерот/преведувачот Г.К., иако неговиот беше покреативен?“

“Ама, мојот концепт беше...мој!“

“Да не набројувам понатаму. Веројатно веќе ти е јасно зошто бегам,“ заклучува таа, Креативната Идеја.

“Малку пребуквално го сфативте тоа “егзекуција“ на идејата. Толку пати ме “егзекутиравте“, со сите ваши постапки, што немам друг избор освен да бегам колку што е можно подалеку одовде.“

“Па каде ќе одиш?“

“Во странство. Таму сè уште се цени добра идеја. А и подобро плаќаат.“

Го најавуваат нејзиниот лет, таа полека станува. Ме фаќа паника.

“А што ќе правиме ние без тебе?“

Застанува, неколку секунди глуми замисленост.

“Ми текна! Ставете поголемо лого, никој нема ни да примети дека ме нема.“

Весело се насмевнува, додека од темниот агол се појавува еден дебел, ќелав чичко и ми намигнува. Големото Лого.

“Гладен сум“, ми се обраќа Големото Лого.

Тажно гледам како Креативната Идеја заминува кон авионот, додека Големото Лого ме фаќа под рака и ме влече кон штандовите со брза храна.

А можеби таа некогаш ќе се врати...

* Сите ликови и ситуации во текстот се фиктивни. Ако некој се препознава во нив, можеби е време да се подзамисли.

Коментари


Остави коментар