Бајката е дел од „The Fairy Books”, бајки од целиот свет, собрани од Ендру Ленг и објавувани помеѓу 1889 и 1913. Превод од англиски Рара Авис.
НЕВИДЛИВИОТ ПРИНЦ
Еднаш одамна си живеела самовила која имала моќ над земјата, оганот, морето и воздухот, и имала три сина. Најстариот, кој бил брз и спретен, со бујна фантазија, го направила Господар на Огнот, според неа најплеменитиот елемент. На вториот син, кој иако прилично здодевен, бил мудар и претпазлив, му дала да владее со земјата. Третиот бил див и насилен, со чудовишна става, и неговата мајка самовилата се надевала дека ќе ги сокрие неговите недостатоци така што ќе го направи Цар на Морињата. Најмалиот, кој бил роб на своите страсти и со нестабилен карактер, станал Принц на Воздухот.
Како најмал, тој ѝ бил љубимец на мајка му, но таа сепак била свесна за неговите слабости и предвидела дека еден ден тој многу ќе страда заради љубов. Затоа мислела дека е најдобро да го воспита да се плаши од жени, и на нејзино големо задоволство видела дека како што старееел, сѐ повеќе ги мразел жените. Од своето најрано детство тој постојано слушал приказни за принцови кои запаѓале во секакви неволји поради љубов, а мајка му толку страшно му го опишувала кутриот мал Купидон што момчето поверувало дека тој е коренот на сето зло.
Кога не го исполнувала синот со омраза кон целиот женски род, неговата мудра мајка го користела времето за да всади во него љубов кон ловот, кој станал негова најголема радост. За негова забава таа создала нова шума, засадена со највеличествени дрвја, и во неа ги пуштила сите животни кои може да се најдат на четирите страни на светот. На средината од оваа шума изградила палата каква немало друга на светот, а потоа заклучила дека направила доволно за да усреќи било кој принц.
Но, човек не може да оди против својата судбина. Длабоко во своето срце, принцот бил изморен од приказните на мајка му, и кога еден ден таа заминала од палатата по некоја работа, молејќи го никогаш да не излегува од шумата, тој веднаш ја искористил можноста да не ја послуша.
Препуштен на себеси принцот наскоро ги заборавил мудрите совети на мајка му, и бидејќи му било досадно, им наредил на некои од воздушните духови да го однесат во соседното кралство. Ова кралство се наоѓало на Островот на Розите, каде климата е толку блага што тревата е секогаш зелена, а цвеќињата постојано цветаат. Брановите, наместо да ги удираат карпите, како нежно да умираат на брегот, купчиња златни грмушки ја покриваат земјата, а лозјата се натежнати од грозје.
Кралот на овој остров имал ќерка по име Розали, која била најубавата девојка на светот. Штом ја здогледал, Принцот на Воздухот веднаш ги заборавил сите ужасни нешта кои му биле претскажувани уште откако се родил, затоа што е доволен еден миг да ги осуети долгогодишните планови. Тој веднаш почнал да размислува како да дојде до својата среќа, и му се чинело дека е најлесно неговите слуги-духови да ја грабнат Розали.
Не е тешко да се замисли што чувствувал кралот кога дознал дека ќерка му исчезнала. Тагувал по неа и дење и ноќе, и единствена утеха му било да зборува за неа со еден млад и непознат принц, кој штотуку пристигнал во дворецот. Но тој не знаел дека странецот е многу заинтересиран за Розали, затоа што и тој ја видел и бил маѓепсан од нејзината убавина.
Еден ден, кралот бил потажен од вообичаено и тажно чекорел покрај морскиот брег, кога по долга тишина непознатиот принц, кој бил негов единствен придружник, проговорил. „Нема болка без лек,” му рекол на несреќниот татко, „и ако ми ја ветиш ќерката за жена, јас ќе ја најдам и ќе ти ја вратам.”
„Се обидуваш да ме утешиш со празни ветувања,” одговорил кралот. „Зарем не ја видов грабната во воздухот, и покрај криците кои ќе му го омекнеа срцето на секого освен на суровиот насилник кој ми ја украде? Несреќната девојка копнее во некоја непозната земја, во која можеби никогаш не стапнала човечка нога, и никогаш веќе нема да ја видам. Ама појди, љубезен странецу, врати ја Розали ако можеш, и живеј со неа среќно засекогаш во оваа земја, за чиј наследник те прогласувам сега.”
Странецот, чиешто име и титула таткото на Розали не ги знаел, всушност бил син на кралот на Златниот Остров, чиј главен град се протегал од едно до друго море. Ѕидините, кои ги заплиснувале мирни води, биле прекриени со злато, кое личело на жолтиот песок. Над нив имало бедем од дрвја со лимони и портокали, и сите улици биле поплочени со злато.
Кралот на овој остров имал еден син, на кој му било претскажано дека ќе има живот исполнет со авантури. Ова толку ги исплашило неговите родители, што една самовила која била таму, им дала еден камен и им рекла да го чуваат за принцот додека да порасне, затоа што кога ќе го стави во уста, тој ќе го направи невидлив, сѐ додека не се обиде да прозбори, зашто тогаш каменот ќе ја изгуби својата моќ. Самовилата се надевала дека на тој начин принцот ќе биде заштитен од секакви опасности.
Штом пораснал, принцот посакал да види дали и другите земји на светот се току прекрасни како земјата во која пораснал. И така, преправајќи се дека ќе посети некои мали острови кои му припаѓале на неговиот татко, тој пошол на пат. Но, страшна бура го довела неговиот брод до непознат брег, кадешто повеќето од неговите придружници биле убиени од дивјаците, а принцот бил единствениот кој успеал да избега со помош на својот волшебен камен. На тој начин поминал меѓу нив без да го видат и талкал сѐ додека не дошол до брегот, каде повторно се качил на својот брод.
Првото копно кое го здогледал бил Островот на Розите, и тој веднаш отишол во дворецот на кралот, таткото на Розали. Штом ја здогледал принцезата, тој се заљубил во неа, како и сите други.
Тој веќе неколку месеци бил заљубен во неа, пред Принцот на Воздухот да ја грабне, на жал и очај на секој маж на островот. Но иако сите биле тажни, принцот од Златниот Остров бил неутешен и страдал и дење и ноќе.
„Каква несреќа”, извикувал „зарем никогаш повторно нема да ја видам мојата најмила принцеза? Којзнае каде би можела да биде, и каков демон ли ја држи заробена? Јас сум само човек, но мојата љубов е силна, и ќе трагам низ целиот свет додека не ја најдам.”
Велајќи така, заминал од дворецот и се спремил за своето патување.
Со денови патувал без да слушне ни збор за изгубената принцеза, сѐ до едно утро, кога минувајќи низ една густа шума, здогледал величествена палата, и срцето му потскокнало од помислата дека можеби тоа е затворот на Розали.
Тој го забрзал чекорот и наскоро пристигнал пред капијата на палатата, која била направена од едно парче ахат. Капијата се отворила пред него, а потоа поминал низ три градини, опкружени со длабоки ровови наполнети со вода, а птици со сјајни пердуви летале наоколу. Таму сѐ било чудесно, но принцот не ги ни погледнал сите тие убавини. Мислел само на принцезата и каде да ја бара, но залудно ја отворал секоја врата и барал во секој агол, не ја видел ни Розали ни било кој друг. Најпосле не преостанало друго место на кое би барал освен една мала шума, среде која имало предворје направено само од дрвја со портокали, а на сите четири страни имало по една просторија. Во три од нив немало ништо друго освен статуи и чудесни нешта, но во четвртата невидливиот принц ја здогледал Розали. Неговата радост што повторно ја гледа била поматена кога видел дека Принцот на Воздухот клечи пред неа, молејќи ја за љубов. Но, тој залудно ја преколнувал да го сослуша, таа само одмавнувала со главата. „Не”, постојано повторувала, „ти ме грабна од кај татко ми кого го сакав, и ни сета убавина на светот не може да ме утеши. Оди си! Кон тебе можам да чувствувам само презир и омраза.” Со тие зборови таа му го завртила грбот и си заминала во своите одаи.
Таа не знаела дека ја следи невидливиот принц, кој уплашен дека Розали ќе го открие во присуство на други, решил тивко да чека до стемнување, а во долгите часови додека чекал напишал песна за принцезата, која ја оставил на креветот покрај неа. Откако го направил тоа, размислувал кој е најдобриот начин да ја спаси Розали, и решил дека е најдобро да го искористи моментот кога Принцот на Воздухот ќе оди да ги посети својата мајка и браќата.
Еден ден Розали седела сама во собата, размислувајќи за своите неволји, кога одеднаш видела како перото само се подига од масата и почнува да пишува на лист бела хартија. Бидејќи не знала дека него го води невидлива рака таа била вчудоневидена, и штом перото престанало да се движи веднаш дошла до масата, кадешто нашла прекрасни стихови, во кои пишувало дека и друг ги дели нејзините маки и ја љуби со сето срце, и дека нема да се смири сѐ додека не ја спаси од човекот кого таа го мрази. Охрабрена, таа му ја раскажала својата приказна, зборувајќи му за младиот туѓинец кој дошол во дворецот на нејзиниот татко и толку многу ѝ се допаднал што од тој ден таа не можела да мисли на никој друг. Кога го слушнал тоа, принцот не можел веќе да се воздржува. Го извадил каменот од устата и клекнал пред Розали.
По првата возбуда од нивната средба тие почнале да прават планови како да избегаат од моќта на Принцот на Воздухот. Но сфатиле дека тоа нема да биде лесно, затоа што волшебниот камен можел да го користи само еден од нив, и за да ја спаси Розали принцот од Златниот Остров би морал да се изложи на гневот на неговиот непријател. Но Розали не сакала ни да чуе за такво нешто.
„Не, принцу”, откако ти си тука во оваа земја веќе не се чувствувам како во затвор. Освен тоа, тебе те штити самовилата, која секоја година во ова време го посетува татко ти. Веднаш оди да ја побараш, а кога ќе ја најдеш, моли ја да ти даде уште еден камен со ваква моќ. Кога ќе го добиеш, ништо нема да го спречи нашето бегство.”
По неколку дена Принцот на Воздухот се вратил од палатата на својата мајка, но невидливиот принц веќе бил заминат. Но, тој сосема го заборавил патот по кој дошол и толку долго бил изгубен во шумата, што кога стигнал дома самовилата веќе не била таму. И покрај сета негова тага тој не можел да стори ништо освен да ја чека следната посета на самовилата, оставајќи ја Розали да страда уште три месеци. Од таа помисла очајувал, и за малку ќе се врател на местото во кое таа била заробена, кога еден ден, додека талкал низ шумата, видел како се отвора стеблото на еден огромен даб, а од него излегле два принца кои разговарале. Бидејќи принцот го имал каменот во устата тие си мислеле дека се сами и продолжиле да зборуваат.
„Што!”, рекол едниот, „зарем ќе дозволиш засекогаш да те измачува страст која никогаш нема да ти донесе среќа, и во целото царство зарем не можеш да најдеш ништо друго што ќе те задоволи?”
„Што ми вреди”, рекол другиот, „што сум Принц на Земјата, и што имам мајка која е кралица на сите четири елементи, ако не можам да ја совојам љубовта на принцезата Аргентина? Од првиот пат кога ја видов, седната во шумата и опкружена со цвеќиња, ни дење ни ноќе не престанувам да мислам на неа, но иако ја сакам убеден сум дека таа никогаш нема да ме засака. Знаеш дека во мојата палата се наоѓаат орманите на времето. Во првиот, огромни огледала го отсликуваат минатото. Во вториот, ја гледаме сегашноста. Во третиот, може да се чита иднината. Таму дотрчав откако ја видов принцезата Аргентина, но наместо љубов видов само презир. Замисли каква е мојата посветеност, кога и покрај мојата судбина, сѐ уште љубам!”
Принцот на Златниот Остров бил одушевен од она што го слушнал, затоа што принцезата Аргентина била негова сестра, и се надевал дека со помош на нејзиното влијание врз Принцот на Земјата, ќе успее да го убеди неговиот брат да ја ослободи Розали. Тој радосно се вратил во палатата на татко му, каде ја нашол неговата пријателка самовилата, која му дала уште еден магичен камен. Тој веднаш пошол да ја спаси Розали, и толку брзо патувал што наскоро пристигнал во шумата во која таа била заробена. Но иако ја нашол палатата не успеал да ја најде Розали. Насекаде барал, но од неа немало ни трага, а тој толку многу очајувал што бил спремен да си го одземе сопствениот живот. Најпосле се сетил на разговорот на двата принца за орманите на времето и помислил дека кога би успеал да дојде до дабот, би дознал што се случило со Розали. Тој наскоро ја открил тајната како да влезе во орманот на сегашноста, каде во огледалата го видел одразот на несреќната Розали која седела на подот и неутешно плачела, опкружена со демони кои не ја напуштале ни дење ни ноќе.
Оваа глетка уште повеќе го натажила принцот, затоа што не знаел каде се наоѓа замокот, ниту како да го најде. Сепак, тој решил да трага низ целиот свет сѐ додека не го најде вистинското место. Тој отпловил по добар ветер, но несреќата го следела дури и на море. Само што се одвоил од копното започнала жестока бура, и откако неколку часа го носела бродот на сите страни, тој се искршил на парчиња судирајќи се со големи карпи. Принцот имал среќа да се задржи на површината, и по долга борба со ветрот и морето, бил исфрлен на непознат остров. Но, колку се изненадил кога стигнал на брегот и слушнал очајнички крици, помешани со најнежни песни кои го опчиниле. Тој бил многу љубопитен и претпазливо продолжил сѐ додека не стигнал до капија во шумата која ја чувале два змеја. Тие биле ужасна глетка. Телата им биле прекриени со светкави крлушки, извитканите опашки им се извишувале над земјата, оган им избивал од устите и носевите, а од нивните очи и најхрабрите би се треселе од страв, но бидејќи принцот бил невидлив тие не го виделе, па тој можел да помине покрај нив и да влезе во шумата. Штом влегол се нашол во лавиринт и долго време талкал без никого да сретне, всушност единственото нешто кое го видел бил круг од човечки дланки кои стрчеле од земјата, а на секоја имало златна алка на која било испишано име. Колку што влегувал подлабоко во лавиринтот, тој станувал сѐ пољубопитен, сѐ додека не наишол на две мртви тела кои лежеле на средината од алејата со кипариси, секој со црвено јаже околу вратот и алка на раката на која биле испишани нивните имиња и имињата на две принцези.
Невидливиот принц ги препознал мртовците кои биле кралеви на големите острови во близина на неговиот, но имињата на принцезите му биле непознати. Тој тагувал поради нивната несреќна судбина и веднаш ги погребал, но штом ги положил во гробовите, нивните дланки излегле на површината стрчејќи нагоре како и другите.
Принцот продолжил по својот пат, размислувајќи за овој чуден настан, кога неднаш здогледал еден висок човек на чие лице имало израз на очај, а во раката држел свилено јаже со иста боја како оние околу вратовите на мртовците. Кон него чекорел друг човек кој изгледал исто толку очајно, тие во тишина се прегрнале, а потоа без збор ги ставиле јажињата околу своите вратови, и паднале мртви еден покрај друг. Залудно принцот се обидувал да им помогне и да ги симне јажињата, не можел да ги олабави јамките. Тој ги погребал и нив и продолжил по својот пат.
Чувствувал дека треба да биде многу внимателен, за и тој да не стане жртва на некоја маѓија, и бил благодарен кога успеал повторно да помине покрај змејовите и да влезе во прекрасна градина, со бистри потоци и опојни цветови, во која имало група момчиња и девојки. Но не можел да ги заборави ужасните нешта кои ги видел и се надевал дека ќе го најде одговорот на мистеријата. Кога забележал едно момче и девојка како разговараат се доближил до нив мислејќи дека можеби ќе слушне некакво објаснување за она што го мачело. И така било.
„Ти се колнеш”, рекол принцот, „дека ќе ме љубиш до смрт, но јас се плашам од твоето неверно срце, и наскоро ќе морам да ја побарам Самовилата на Очајот, која владее со едната половина од овој остров. Таа ги одведува љубовниците кои биле отфрлени од нивните љубени и сакаат да си го одземат животот. Ги остава во лавиринтот низ кој се осудени вечно да талкаат, со алка околу раката и јаже околу вратот, сѐ додека не сретнат некого кој е исто толку очаен. Тогаш јажето се затега и тие остануваат да лежат каде што ќе паднат, сѐ додека не ги погребе првиот намерник. Колку и да е ужасна смртта,” додал принцот, „ќе ми биде помила од животот ако ја изгубам твојата љубов.”
Гледајќи ги овие несреќни љубовници принцот тажел уште повеќе, и ги поминувал своите денови талкајќи покрај брегот. Но еден ден додека седел на карпа оплакувајќи ја својата судбина и неможноста да го напушти островот, одеднаш морето нараснало скоро до небо, а пештерите одекнувале од ужасни крици. Тој гледал како една жена се издига од длабочините на морето, бегајѓи пред еден разбеснет џин. Нејзините крици го допреле срцето на принцот, тој го извадил каменот од устата и извлекувајќи го мечот му се нафрлил на џинот, за да ѝ даде време на жената да побегне. Но, само што му се доближил на непријателот, џинот го допрел со еден прстен и принцот останал неподвижен. Тогаш џинот го стигнал својот плен, и грабнувајќи ја во раце, ја одвлекол во морските длабочини. Потоа испратил тритони да го оковаат Принцот на Златниот Остров, кој почувствувал како и него го влечат во морските длабочини, губејќи надеж дека некогаш повторно ќе ја види Розали.
Џинот кого принцот неразмислувајќи го нападнал бил Господарот на Морето, третиот син на Кралицата на Елементите, и тој го допрел момчето со волшебен прстен кој му овозможувал на смртник да живее под вода. Така Принцот на Златниот Остров, кого го оковале тритоните, минувал низ живеалиштата на необични чудовишта и покрај огромни шуми од алги, сѐ додека не стигнал до голема песочна чистинка, опкружена со карпи. На највисоката од карпите седел џинот како на престол.
„Непромислен смртнику,” рекол тој кога го довеле принцот пред него, „заслужуваш смрт, но ќе живееш само за да страдаш уште посурово. Оди, и зголеми го бројот на оние кои ги мачам за свое задоволство.”
На овие зборови принцот се нашол окован за карпа, но не бил сам во својата несреќа, затоа што насекаде околу него биле оковани принцеви и принцези кои џинот ги одвел во заробеништво. Навистина, негово најголемо задоволство било да создаде бура, за да го зголеми бројот на заробеници.
Бидејќи рацете му биле врзани, Принцот на Златниот Остров не можел да го употреби волшебниот камен, и ги поминувал деновите и ноќите сонувајќи за Розали. Но најпосле дошло време кога џинот си замислил да се забавува така што ќе организира борби помеѓу некои од неговите заробеници. Еден од нив бил принцот, кого го ослободиле од ланците. Штом му биле слободни рацете, тој го ставил каменот во уста и станал невидлив.
Може да се замисли колку бил вчудоневиден џинот кога принцот наеднаш исчезнал. Наредил да се чуваат сите излези, но веќе било доцна, затоа што принцот се извлекол помеѓу две карпи. Долго време талкал низ подводните шуми, кадешто среќавал најстрашни чудовишта, се качувал од карпа на карпа, сѐ додека не стигнал до крајот на морето, во подножјето на една планина за која се сетил дека ја видел во орманот на сегашноста, а таму била заробена Розали.
Исполнет со радост се искачил на врвот од планината кој се извишувал над облаците, и таму нашол една палата. Влегол, и на средината од долгиот ходник открил просторија од кристал, среде која седела Розали, и дење и ноќе чувана од демоните. Никаде немало ни врата, ниту прозорец. Кога го видел тоа принцот уште повеќе се збунил, затоа што не знаел како да ја предупреди Розали за своето враќање. А срцето му се кршело кога ја гледал како плаче од утро до мрак.
Еден ден, додека Розали чекорела напред-назад низ својата соба, се изненадила кога видела дека на едно место кристалниот ѕид се замаглил, како некој да дишел на него, а уште почудно било тоа што каде и да се движела таа, таму се замаглувал кристалот. Поради тоа принцезата се посомневала дека нејзиниот љубовник се вратил. За да го смири Принцот на Воздухот, таа почнала да се одесува многу внимателно со него, и така кога побарала поголема слобода тој не можел да ја одбие. На почетокот таа само побарала секој ден да ѝ биде дозволено по еден час да шета низ долгиот ходник. Ова ѝ било допуштено, и невидливиот принц набрзо ја искористил можноста да ѝ го даде каменот, кој таа веднаш го ставила во устата. Нема зборови кои можат да го опишат гневот на нејзиниот поробувач кога таа исчезнала. Им наредил на воздушните духови да летаат насекаде и да ја вратат Розали каде и да се наоѓа. Тие веднаш одлетале да ги послушаат неговите наредби и се распрснале низ целата земја.
Во меѓувреме Розали и принцот држејќи се за раце, дошле до врата во ходникот која водела во градината. Во тишина тие поминале низ неа и мислеле дека се на безбедно, кога едно бесно чудовиште случајно се судрило со нив, а Розали од страв ја испуштила раката на принцот. Ниеден од нив не можел да проговори додека биле невидливи, а освен тоа знаеле дека воздушните духови се насекаде околу нив и ќе ги препознаат ако испуштат и најмал звук. Затоа единствено можеле слепо да се бараат, надевајќи се дека рацете повторно ќе им се сретнат.
Но радоста поради слободата траела само кратко. Принцезата, која залудно талкала низ шумата, најпосле запрела покрај една фонтана. Таа напишала на едно дрво: “Ако некогаш принцот, мојата љубов, наиде наваму, нека знае дека овде живеам, и секој ден седам на работ од оваа фонтана, додека солзите ми се мешаат со нејзините води.”
Овие зборови ги прочитал еден од демоните, кој му ги повторил на својот господар. Принцот на Воздухот се направил невидлив и отишол да ја чека Розали покрај фонтаната. Кога таа се приближила тој ја испружил раката, а таа цврсто ја стегнала, мислејќи дека е раката на нејзиниот љубовник. Искористувајќи ја таа прилика, принцот ја заврзал со јаже и отфрлајќи ја својата невидливост им свикал на духовите да ја фрлат во најдлабоката јама.
Во тој момент се појавил невидливиот принц, и кога го здогледал духот како лета нагоре, држејќи свилено јаже, веднаш погодил дека тој ја носи Розали.
Тој бил толку обземен од болка што во еден момент посакал да си го одземе животот. „Ќе ги преживеам ли моиве неволји?” извикал тој. „Си замислував дека е дојден крајот на моите маки, но тие сега се пострашни од било кога. Што ќе стане со мене? Никогаш нема да го најдам местото на кое ова чудовиште ќе ја скрие Розали.”
Несреќното момче одлучило да умре, и самата негова тага била доволна за да го убие, кога помислата дека со помош на орманите на времето ќе може да открие каде е заробена принцезата, му дала мал зрак на надеж. Така тој продолжил да оди низ шумата, и по неколку часа пристигнал до капијата на еден храм, која ја чувале два огромни лава. Бидејќи бил невидлив, можел да влезе неповреден. На средината на храмот имало олтар, врз кој лежела една книга, а зад олтарот висела тешка завеса. Принцот се доближил до олтарот и ја отворил книгата, во која биле напишани имињата на сите љубовници на светот; и во неа прочитал дека Принцот на Воздухот ја одвел Розали во бездна во која може да се влезе единствено низ златната фонтана.
Иако принцот немал никаква идеја каде би можела да се наоѓа оваа фонтана, тој не се предавал.
„И секој чекор да ме носи сѐ подалеку од неа,” си рекол тој,„јас сепак сум благодарен што таа сѐ уште е жива некаде.”
Кога излегол од храмот принцот видел дека пред него се простираат шест патеки, а сите воделе низ шумата. Се двоумел по која да тргне, кога наеднаш видел двајца луѓе кои се приближувале кон него, одејќи по патеката која била последна од десно. Тоа биле Принцот на Земјата и неговиот пријател, и поради ненадејната желба да дознае што се случува со сестра му, принцезата Аргентина, невидливиот принц решил да ги следи и да ги прислушнува.
„Ти мислиш”, велел Принцот на Воздухот, „ти мислиш дека јас немаше да ги искинам моите ланци да можев? Знам дека принцезата Аргентина никогаш нема да ме сака, па сепак од ден на ден ми е сѐ помила. И како тоа да не е доволно, имам ужасно чувство дека таа најверојатно љуби друг. Затоа решив да си ги скратам страдањата со помош на златната фонтана. Само една капка од нејзината вода која ќе падне на песокот ќе го испише името на мојот соперник во нејзиното срце. Се плашам од проверката, и токму тој страв ме уверува во мојата несреќа.”
Откако ги слушнал овие зборови невидливиот принц го следел Принцот на Земјата како сенка, и по некое време тие пристигнале до златната фонтана. Несреќниот љубовник запрел со воздишка, со прстот зел една капка вода од фонтаната и ја пуштил да капне на песокот. Таа веднаш го испишала името на Господарот на Огнот, неговиот брат. Принцот на Воздухот толку се вознемирил од тоа откритие, што се онесвестил во рацете на својот пријател.
Во меѓувреме невидливиот принц размислувал како да ја спаси Розали. Бидејќи бил допрен од прстенот на џинот, тој имал моќ да дише под вода исто како и на копно, па затоа веднаш нурнал во фонтаната. На едниот крај видел врата која водела во планината, а во подножјето на планината имало карпа на која бил прицврстен железен прстен со ланец. Принцот веднаш погодил дека со ланецот е окована Розали, и го пресекол со својот меч. Тој ја почувствувал раката на принцезата во својата, затоа што таа постојано го држела каменот во уста, и покрај молбите на Принцот на Воздухот да стане видлива.
И така, држејќи се за рака, принцот и Розали ја преминале планината. Но, бидејќи принцезата не можела да дише под вода, таа не можела да излезе низ златната фонтана. Во тишина и невидливи, тие стоеле прегрнати на работ, треперејќи од страшната бура која Принцот на Воздухот ја создал во својот гнев. Бурата траела со денови, а потоа почнала да се создава ужасна жештина. Молњите блескале, грмотевиците татнеле, огнени топки паѓале од небото, палејќи ги шумите и полињата. Наеднаш сите потоци пресушиле, а принцот го искористил тој момент за да ја пренесе Розали преку златната фонтана.
Тие долго време патувале додека да стигнат до Златниот Остров, но конечно стигнале, и никогаш веќе не посакале да си заминат оттаму.