НЕБОЛОЗА
Цел ден читам како да се произведе облак во домашни услови и ниту еднаш не погледнав кон небото, кон облаците, кон белите сведоштва за патот на авионите. А во авионите, десетици илјади патници кои го крстосуваат светот, десетици илјади луѓе на кои барем еднаш во животот им се случила некаква голема трагедија. Да се запознаеме со неколкумина од нив:
1. Франк Логан: 34-годишен архитект од Ливерпул, патува кон Мадрид да се сретне со неговата постара полу-сестра, Каролина, за која дознал неколку дена претходно. Каролина, пресреќна, влегува во својот автомобил, го стартува моторот и умира од срцев удар.
2. Лајош Малтишек, 77-годишен бивш шверцер на конзервирана риба од Чешка, оди во посета на неговиот син, Антониј, забен техничар кој живее во Загреб со сопругата и трите ќерки. Лајош нарачува сендвич со чајна кобасица и се задушува по првиот залак. Сите обиди на стјуардесата Тања да го реанимира се попусти.
3. Муарем ал-Медина, терорист од редовите на ИСИС, по неуспешниот обид да се саморазнесе себеси во авионот на авио-компанијата Емирати, е убиен од страна на обезбедувањето во авионот. Преживуваат 78 патници и членови на екипажот меѓу кои е и едно бебе, иден диктатор, иницијатор на една крвава војна која ќе почне во 2055., и во која ќе загинат милиони луѓе.
Облачно е денес. Птиците летаат ниско и слетуваат право во устите на уличните мачки кои немаат поим дека почна изборната кампања. Блазе си им.