Мртви души
Не сакам да генерализирам бидејќи секогаш има и вакви и онакви и секакви, ама... неизмерна тага ме фаќа кога гледам немање страст кај човека. Просто, не ми е верно дека постојат луѓе без базична емоција во себе. И така некогаш се разочарувам... еве, да земам за пример ситуации од моите часови. Има млади кои ми го пијат секој збор, мојот восхит од тоа што го зборувам преминува и на нив, умеат да се наежат додека читам, едноставно, разбираат! И има други, заспани, читам "Фуснота без повод" од Гане Тодоровски, а бе, на тие стихови мртви од гроб стануваат, толку се полни животни сокови и моќ, башка јас се занесувам кога зборувам за текстовите... а тие зјаат безизразно и бројат чавки. Никаква експресија на лицата, мртви очи... се сеќавам како се потресував кога бев средно, ај, ќе речеш сум сакала книжевност и јазик, ама небитно! Ги прашувам: "Има ли нешто што ве допира, дечки? Што знам, еве, биологија или кога сте на пракса, ви се случува ли земјотрес во душата од што и да е?" "Од ништо, професорке" - ми одговараат. "Пред некој ден видов човек како паѓа, сите го одминавне." "Знам" вели "дека е катастрофа, ама тоа е вистината."
О, колку жално... па живот без страст и чувства, живот ли е?