Во епизодата The Einstein Approximation од серијата The Big Bang Theory, ексцентричниот лик Шелдон е заглавен со научен проблем и одлучува дека единствен начин да го реши проблемот е да се вработи на некое безначајно работно место.
„Теоријата“ потекнува од идејата дека Ајнштајн ги направил неговите најзначајни откритија додека бил службеник во Бирото за патенти во Швајцарија. Од историјата ни е познат и случајот на писателот Франц Кафка кој исто така бил службеник и неговите дела понекогаш се сметаат за критика на бирократските општества.
Шелдон оди да бара работа и на службеничката која му помага ѝ вели дека сака бесмислена работа – како што е нејзината. Потоа се вработува како мијач на садови и келнер, а по една незгода ја открива тајната шема за поголемата научна вистина – во купче скршени садови на подот од ресторанот.
Фасцинацијата на луѓето со „мозокот на Ајнштајн“ (во случајов и буквално) е тема на филмот Relics: Einstein’s Brain во кој дознаваме дека мозокот на Ајнштајн бил украден за време на неговата аутопсија, а јапонскиот професор Kenji Sugimoto е на мисија да го пронајде. По многу перипетии, конечно успева да го пронајде мозокот на Ајнштајн, во Канзас кај патологот Thomas Stoltz Harvey кој ја правел аутопсијата и го земал мозокот на Ајнштајн, а потоа – го чувал со децении во тегла!