logo

# Приказни

МАЛА БИРОКРАТСКА ПРИКАЗНА

насловна слика

Еден облак ми намигна и јас умрев. Смртта ме начека дотеран и со тазе поткастрена брада. Одеднаш се најдов пред влезот на една чекална и на вратата пишуваше „СЕ ВРАЌАМ ЗА 5 МИНУТИ“. Седнав на клупата до вратата и чекав. По неколку минути дојде една стара жена со здравствена книшка во раката и ме праша дали знам која смена ѝ е матичната лекарка. Немав поим. „Ќе залади деновиве, но ќе се стопли од недела...“, ми рече и задрема. Поминаа 2 часа. Почна да заладува и бабата ме праша дали случано сум слушнал на вести кога ќе ги даваат пензиите. Во тој момент пристигна Св. Петар, задишан, испотен и нервозен. Гумата од велосипедот му беше дупната, а рацете замастени. „Го менував синџирот... веќе не ги прават квалитетни како порано... Повелете, кој е на ред?“ Жената кажа дека ќе ја почека другарка ѝ, и јас влегов во една голема чекална од времето на социјализмот, чии ѕидови беа исполнети со икони. Св. Петар застана зад малиот пулт, го отвори прозорчето и ме праша: Име и презиме?

- Владимир Лукаш.

- Година на раѓање?

- 1978.

- Висина и тежина?

- 184 см., 93 кг.

- Извинете, но ви истекло рајското осигурување. Повелете, пополнети ги овие формулари и почекајте во Чистилиштето. Втора врата, лево. Ќе ве информираме кога ќе бидат готови документите. Убав ден, пријатно.

Појдов во чистилиштето и таму ги сретнав сите мои инкарнации. Ме погледнаа, сочувствително ми кимнаа и продолжија да чекаат во тишина.

Коментари


Остави коментар