logo

# Приказни

МАЛА АКАДЕМСКА ПРИКАЗНА

насловна слика

Еден ден Боб Дилан си спакувал гаќи и чорапи и тргнал за Стокхолм. По пат ги сретнал Марио Варгас Љоса и духот на Харолд Пинтер како седат во една кафеана во Данска и го озборуваат Октавио Паз. „Седни на едно пиво“, му довикнал Марио, а Боб, изнервиран поради Паз, извадил една скината гитарска жица од џеб и го задавил на самото место. „Нели си хипик, бе...“, промрморел духот на Пинтер и исчезнал како данско сирење на „даска“ во сомнителна пивница. Откако малку си дошол на себе, Боб го продолжил патот и ги видел Клод Симон и Габриел Маркес во љубовна прегратка на една клупа. „Клод...“, шепнал Боб, а Габриел му пратил еден мирен бакнеж. „Сто години го бркав Клод и ништо... Ах, ќе си останам сам...“, си помисли Боби и молкум ги напушти. Поминаа уште неколку денови и стапалата на Боб беа парчосани од плускавци. „Колку ли патишта мора човек да изоди за да стигне до тој проклет Стокхолм?!“, рече на глас и плукна. Од плунката, како принцеза израсна Вислава Шимборска и му покажа среден прст. Конечно, по цел месец скитање, Боб стигна пред портите на Стокхолм и таму, набилдани и истетовирани како јакузи опиени со саке, го пречекаа Чеслав Милош и Исак Сингер со камшици во рацете, го скршија од ќотек и му ги украдоа гаќите и чорапите. Кога малку се свести, го виде Иво Андриќ клекнат до него, со мантил исфлекан од шведските магли како витка тутун и пее севдалинка. „Боби, го гледаш мостон?“ Боби кимна со помодрената глава. „Качи се на него и фрли се во езерото Меларен.“ Боби, целиот парталосан, се качи на мостот, запали џоинт, ги затвори очите, скокна и падна право во кајчето на Томас Елиот кој се смилува и го однесе полумртвиот Боб во болница, каде што болничарките, возбудени поради присуството на Боб, одеа горе-долу, како муви без глава, зборувајќи за Микеланџело.

Коментари


Остави коментар