logo

# Приказни

Мачорот Тоде

насловна слика

Си беше еднаш еден мачор што многу сакаше да им помага на своите другарчиња животинчиња . Желба му беше да носи бел мантил и да им прави „диши диши“ на мачињата во селото, но и на малите кутриња, на пилињата што живееја на дрвото до неговата куќичка, дури и на мравките, иако тие му се качуваа по мустаците или му бегаа.

Името му беше Тоде, имаше бели чорапчиња и долги мустаци кои ги мрдаше кога ќе надушкаше нешто невообичаено кај пациентот. Еднаш едно глувче дојде плачејќи кај него во куќичката за прегледи и Тоде само го надушка и рече – „Ти си се заљубил во погрешна глувчица, здрав си како дрен!“. И во право беше.  Некогаш, навистина само треба да се слушне срцето на оној што е тажен, за да му се помогне. Но, Тоде не беше доктор само за животинки. Тој ги лекуваше и тешеше и облачињата. Многу пати пред да заврне, тие натежнуваа и му плачеа врз накострешеното бумбаресто тело, а тој само ги галеше со погледот и чекаше да се растопат целосно и да ги нахранат неговите градинарски производи. Тоде беше љубител на чај и свежи цвеќиња. Не јадеше месо, не ги меркаше рибите во потокот, не бараше кавга и си живееше со усул. Одгледуваше модар патлиџан и со него ги исцелуваше сите модринки на коленцата на другарчињата, на пилето што пред да првне, падна од јасиката, на верверичката што се штипна отворајќи лешниче, на кравата што наместо трева, касна пчела.

Еден ден Тоде ненадејно се разболе. Опашката му се склопчи, мустаците му се свија надолу, не можеше да стане од креветот. Го немаше цел ден во градината, го немаше ни да се прошета низ селото. Сите животинкасти жители се загрижија, што ли се случува?

Тропаа на вратата, но никој не отвори. Тоде беше премногу болен за да може да отвори, а немаше сила ни да мјаукне. Затоа, сите другарчиња животинки направија план. Пилето влезе низ клучалката, да им каже абер дали Тоде е таму.  Штом се протна, им крена палче дека е добар, ама клучот го нема и ќе мора да ја туркаат вратата. Се собраа сите да ја туркаат, но не можеа да ја отворат. Ги фати очај дека не можат да го спасат своето другарче. Сите мачиња, верверички, глувчиња, пилиња, кутриња плачеа пред вратата на Тоде.Тогаш, се појави кравата со преврзан јазик на кој стоеше парче модар патлиџан и рече:

 „Офтавете на мене!”

Со сета сила се втурна и ја клоцна вратата, и таа се отвори. Тоде тогаш како да живна и се поткрена во креветот. Сите другарчиња дојдоа да му помогнат. Мустаците му се вивнаа пругоре и тој оздраве веднаш.

Коментари


Остави коментар