Лојалните, добри слонови
Пред некој ден на порталот на БиБиСи, наидов на кус текст за слонови што длабоко ме трогна. Пишуваше: "Стадо слонови марширале 12 часа до домот на Лоренс Антони откако тој, човекот кој ги спасил, починал. Останале таму молкум, два дена. Точно една година по неговата смрт, на истиот ден, стадото повторно марширало до неговата куќа. Тоа е нешто што науката не може да го објасни."
Потоа, од другарка ми која веќе ја имаше проучено приказната, го дознав следново. Господинот Лоренс Антони бил конзерватор, екологист, член на истакнати научни здруженија и управител на конзерватот Тула-Тула во Јужна Африка. На териториите каде живееле слонови, почнале да се населуваат луѓе и животните, чувствувајќи дека ја губат својата територија, станале толку агресивни што луѓево станале преплашени, па дури и го убиле водачот на стадото. Слоновите уште толку се вознемириле и станале уште поагресивни. Луѓето му се обратиле на Лоренс Антони и му кажале дека се подготвени да почнат да ги истребуваат животните ако не се најде решение. Тогаш, Антони го заградил резерватот со жици со висок напон и секоја вечер, трпеливо ги чекал слоновите да се појават, а кога ќе се појавеле почнувал да им зборува и знаел дека само со покажување добра волја, ќе стекнат доверба. И вистина. По неколку дена, Слоницата која била избрана за водач на стадото, му пришла и во знак на добра волја го поздравила со сурлата. Оттогаш, станале пријатели со длабока меѓусебна доверба. Ги упатил на другиот крај од резерватот каде создале своја нова територија. После петнаесетина години, во март 2012, Антони Лоренс починал. Слоновите почувствувале дека нивниот пријател умира и се упатиле кон неговиот дом, одејќи со часови, и пред неговата куќа стоеле простум цели два дена. Следните пет години, на истиот ден, го правеле истото.