logo

# Приказни

КРВАВ НАСЛОВ

насловна слика
Напишав расказ, но зборовите ми се разбегаа в град. „Петок е, Лукаш“, ми велат и ми намигнуваат. Листот хартија ме гледа тажно, него никој не го дружи. Листу, му велам, оти не излезеш да прошеташ малку низ маало? Да видиш деца, мајки, татковци, баби и дедовци, стрини и тетки, расни кучиња со ремчиња и улични со болви, мачки што бркаат молци, грабежи, силувања и убиства? Зошто седиш со мене како попарен, немаш ли живот? Листот молчи, гледа во една точка. Точката молчи, гледа во завесата. Завесата молчи и гледа во мене. Сакате да играме некоја игра? – ги прашувам. Тие молчат. Добро, што сакате да правиме? Тие молчат. Станувам, одам во кујна, го отворам ладилникот и вадам пиво. „Здраво“, ми вели пивото, „ќе ме испиеш?“ Да. „Но јас сакам да си играме“, ми вели. Сеедно, му одговарам и го испивам на екс. Вадам ново пиво. Истата приказна. Доаѓа точката и ме прашува дали може и таа да добие едно. Секако. Доаѓа завесата: истото прашање. Да. Доаѓа листот хартија: сака ракија. Нема проблем. Пиеме и молчиме. Одеднаш – чекори. Буквите се враќаат од град, целите во крв. Што се случи? – ги прашувам. „Остај, се степавме со една банда интерпункциски знаци“, ми велат и прашуваат: „Има пиво?“ Секако.Пиеме во тишина. Буквите седат со главите надолу и црвените капки од нивните носеви испишуваат крвав наслов.

Коментари


Остави коментар