Кој нè гледа?
Секој ден поминувам покрај моето некогашно училиште. Пред оградата – контејнери. Не од паметните, од обичните. Веќе неколку месеци очигледно во школото се реновира, се чисти, се средува, затоа што на секое поминување контејнерите се полни со различна содржина, која се прелева и надвор од нив. Стари цртежи од учениците кои одамна веќе не се тоа, излитени столчиња, старите проекти по ОТП. Некои од нив, правени од ученици како мене, со две леви раце, доцна навечер, со плачење и помош од родителите. Рељефите од тесто, планините обоени со зелена и кафена темперна боја, реките со сина. Куќичката од шперплоча, целата искривена и лошо залепена, некој истовремено ја мразел додека ја правел, а откако била готова сепак ја засакал и со тага се разделил од неа кога му кажале дека треба да остане во школото.
Сега се само отпад, ама така и треба да биде, нема место за носталгија и патетика, треба да се направи простор за новото, со старите предмети да се исфрли и прашината, пајажината, мирисот на мувла.
Денес, поминувам покрај школото, учиниците веќе се внатре, часовите се почнати. Од едната страна на оградата контејнерите, од другата необична глетка.
[caption class="snax-figure" align="aligncenter" width="662"][/caption]
Во мое време стоеја на ѕидовите од секоја училница. Имаше и една приказна која ја учевме, “Тито мене ме гледа“, или така некако беше насловот. Во неа учениците се расправаа кого го гледа Тито од фотографијата на ѕидот, секој тврдеше дека баш него го гледа, за на крај да заклучат дека нè гледа сите. Големиот Брат, окото кое внимава што правиш, моралниот компас, ама и Големиот Татко, некој кој те гледа затоа што се грижи за тебе и те чува.
Можам да си ја замислам чистачката на која ѝ рекле: “Фрли го ова“. Веројатно е од генерациите кои пораснале под неговиот поглед. Затоа сепак не завршил во контејнерот, туку до него, наместен под “сводот“ на оградата, скоро како на изложба. Од прашината врз стаклото погледот не му се ни гледа. Тој веќе никого не гледа. Децата кои сега се на час растат ослободени од погледот на моралниот чувар. Сè е дозволено, нема веќе страв од казна. Ама ја нема ни наивната утеха дека некој се грижи, дека не се сами.