logo

# Приказни

КЛЕЦМЕРОВАТА СОНАТА

насловна слика
Мордервик Ханген беше есесовец и музичар-аматер, кој меѓу Евреите беше познат како Хер Клецмер. Прекарот го доби кога беше управник на концентрациониот логор Белжец, во Полска, а дејствието се одвиваше приближно вака: еден ден му стигна наредба да егзекутира неколку десетици Евреи, зашто требаше да се направи место за нова работна сила, и Мордервик построи околу 200 мажи и по случаен избор издвои околу педесетина. Потоа нареди да се обесат, но не со јаже туку со жици од виолина. Кога џелатите си ја завршија својата работа, Мордервик се качуваше кај секој обесен, земаше гудало, го начулуваше увото и гудаше по жицата додека не извадеше чист тон. Откако ги тестираше сите виолински бесилки, Хер Клецмер нареди да се тргнат лошите ноти, си донесе публика од стотина Евреи, им нареди да постават една долга дрвена клупа по должината на наштиманите лешови и тој почна да трча натаму-наваму со гудалото и да свири некаква глупава наци мелодиичка. „Das ist meine Sonate! Das ist meine Sonate!“, врескаше и трчаше додека Содома и Гомора ракоплескаа од одушевеност, како првачиња по својата прва циркуска претстава.

Коментари


Остави коментар